Сепак, веста мора да биде проверена и точна. Сѐ останато лесно пренесува пропаганда, манипулација, политичка нарачка или лажна вест.
Впрочем и ексклузивноста е ставена под знак прашалник! Во ова (не)време да се биде прв, воопшто не значи точна и проверена информација. Многу почесто е само бербатење, дефокус, спин, односно протнување на лажни наративи.
Никогаш не се сите исти. Професионалните медиуми, по неколку во секоја држава, или писмените аналитичари, ја имаат привилегијата на вистинска екслузивност. Ама тука проникнува и темата за тоа чии се медиумите, кои се новинарите. Кој агол го гледаат, а кој го премолчуваат аналитичарите? Или допираме до поимувањето на медиумската (не)писменост.
Ние нема да бидеме први, ама знаеме дека нашите вести и вестите од другите медиуми кои ќе ги преземеме, ќе бидат точни и проверени. Само таа е целта: да им помогнеме на граѓаните да знаат каде што читаат или како да дојдат до медиумите кои имаат точни и проверени вести.
Проверено.мк е всушност проект на ИММЕК во кој ќе истражуваме, посочуваме во функција на публиката која сака да ја дознае вистината, сака да биде информирана без оглед дали таа вистина им одговара или не, дали застапува интереси на една, друга или трета политичка елита, дали го критикува или фали бизнисот, а во интерес на ЈАВНОСТА. Ќе користиме и AI (вештачка интелегенција), затоа што не треба да се има предрасуди, туку треба да се обучуваме, надградуваме и да знаеме паметно да ги користиме алатките на денешницата.
Намерата е да го шириме кругот на корисници и на онлајн медиуми кои ќе се вклучат во овој проект. Можеби некои нема да саакаат да бидат вклучени, и ќе ги исклучиме. Нашата цел е во ПРОВЕРЕНО.мк интердисциплинарно да ангажираме, консултираме и вклучуваме медиумски професионалци, ИТ технологии, меѓународни експерти од дигиталниот свет и медиумите. Вклучувајќи го целиот тој капацитет на ИТ и медиумската зедница, да работиме на создавање на ПРОВЕРЕНИ ИНФОРМАЦИИ и градење на медиумска писменост, како придонес кон демократизацијата на општеството преку информираност на граѓаните за носење на вистински одлуки, наспроти обидите за постојана манипулација на јавноста.




