дома Магазин „Нека живеат други благодарение на мојата сестричка, Верче ќе го сакаше тоа“,...

„Нека живеат други благодарение на мојата сестричка, Верче ќе го сакаше тоа“, вели братот на девојката донор

73

„Тешко ни е, претешко, но сакавме во овие моменти да помогнеме, да се спасат што е можно повеќе животи“, вели во разговор за „Фокус“ и „ММС.мк“ Мартин Белчовски, брат на 20-годишната Верче од Берово, чии органи семејството ги донираше.

Верче била најмладата од трите деца во семејството, а Мартин ја опишува како секогаш весела и насмеана девојка која му се радувала на живот и била добра и грижлива со сите.

Тој раскажува дека кобниот момент се случил на 7 април, на празникот Благовец, кога несовесен 18-годишен возач ја удрил Верче на пешачки премин во Струмица и потоа побегнал од местото на настанот. Од тој момент, Верче била во кома и веќе не се разбудила. Според информациите на Мартин, возачот, откако дознал дека автомобилот е пронајден, самиот се пријавил во полиција.

Кога лекарите им соопштиле дека мозокот откажал и е констатирана смрт, но органите се здрави, Белчовски без размислување се согласиле да ги донираат.

„Нашата половина отиде, нека живеат други луѓе благодарение на Верче, таа би го сакала тоа. Размислуваме, доколку ситуацијата беше спротивна, доколку на Верче некој требаше да ѝ донира орган, како нам би ни било. Затоа и го направивме овој гест, мора да се подигне свеста кога е донирањето на органи во прашање… Секој да се стави во кожа на оној, кому му е потребна помош. Не знаеме што носи животот, мора да останеме луѓе, да имаме сочувство за секого“, вели Белчовски.

Како што веќе беше информирана јавноста, од денеска срцето на Верица веќе бие во градите на 22-годишно момче. Како што најавија од министерството, органи ќе добијат уште десетина други пациенти.

* Фотографијата е објавена од „ММС.мк“, со дозвола од Мартин

 

– Реклама –

ПредходнаВакцината на АстраЗенека не го зголемува ризикот од крвно згрутчување, бенефитите го надминуваат малиот ризик од несакани ефекти
СледнаЗачувување на матични клетки за подобра иднина за вас и вашите деца