дома Технологија Размена на снаи: Нова генетска студија ги открива тајните на неандерталските семејства

Размена на снаи: Нова генетска студија ги открива тајните на неандерталските семејства

60
Оригинална илустрација: Мета.мк.

Меѓународен тим истражувачи од Институтот за еволутивна антропологија Макс Планк успеале да ги секвенционираат геномите на 13 неандерталци, објави здружението Макс Планк.

Истражувањето покажало роднински врски помеѓу дел од праисториските луѓе чии останки биле испитувани, меѓу кои и татко и ќерка тинејџерка. Врз основа на испитувањето на гените научниците заклучиле дека неандерталците живееле во мала група која се состоела од блиски роднини, со околу десет до дваесет члена, а дека таквите заедници се поврзувале преку миграција на жените.

Неандерталците чии останки биле предмет на испитувањето живееле пред 54.000 години во две пештери на планината Алтај во јужен Сибир, денешна Русија.

Пештерите Чагирскаја и Окладникова се наоѓаат само на околу 100 километри од Денисовата Пештера, исклучително значаен палеонтолошки локалитет каде што пред 14 години, покрај остатоци од неандерталци, се најдени и докази за постоење на трет човечки вид кој истовремено со нив и хомо сапиенсот ја населувал Евроазија, наречени денисовци.

Првиот нацрт на неандерталски геном бил објавен во 2010 година. Од тогаш истражувачите од Институтот за еволутивна антропологија Макс Планк секвенционирале уште 18 геноми од 14 различни локации низ Евроазија. За прв пат, со најновото истражување научниците добиле индиции за составот и општествената организација на неандерталските семејни заедници.

Резултатите се објавени на 19 октомври во научен труд во списанието „Нејчр“ (Genetic insights into the social organization of Neanderthals), потпишан од тим од 35 истражувачи предводен од д-р Лауритс Сков. Еден од членовите на тимот е и годинешниот добитник на Нобеловата награда за медицина или физиологија Сванте Паабо.

Во истиот регион на јужен Сибир се најдени докази за неандерталско присуство во тек на стотици илјади години и тоа истовремено со денисовците. Меѓу другото, најдени се докази за нивна меѓусебна интеракција, како остатоци од дете чиј татко бил денисовец, а мајка неандерталка.

Maпа која покажува на кои локации во Европа (сино), Југозападна Азија (портокалово), Узбекистан (зелено) и Сибир (виолетово) се најдени остатоци од неандерталски скелети. Други материјални остатоци како камени алатки се најдени во целиот тој меѓупростор. Фото: Википедија, автор Nilenbert, Nicolas Perrault III, CC BY-SA 3.0.

Најмногу неандерталски остатоци, од фосилни скелети до камени алатки и други артефакти, се најдени во Европа. Затоа се смета дека претежно живееле на тој континент и дека периодично мигрирале кон Азија при повлекување на ледената покривка во паузите меѓу ледените доба. При тоа, оваа сибирска област на границата со Казахстан е најисточното место каде што се најдени нивни траги.

Остатоците од Пештерата Чагирскаја ги ископал тим на Институтот за археологија и етнографија при Руската академија на науките. Во текот на претходните 14 години, покрај стотици илјади парчиња од камени алатки и животински коски, тие нашле и 80 делчиња од коски и заби на неандерталци.

„Нашата студија нуди конкретна слика за тоа како можеби изгледала една неандерталска заедница“, вели Бенџамин Питер, еден од авторите на истражувањето

Сличноста меѓу пронајдените остатоци во таа и оближната Окладникова Пештера, меѓу кои и остатоци од козорози, коњи и бизони што неандерталците ги ловеле во оближните речни долини, како и генетските информации покажала поврзаност меѓу двете групи жители.

Претходни студии на фосилен прст најден во Денисовата Пештера покажале дека друга група неандерталци живеела во таа област на Алтај пред околу 120.000 години. Генетските податоци покажале дека неандерталците од пештерите Чагирскаја и Окладниковата не биле потомци на тие поранешни жители, туку биле поблиски до неандерталците кои истовремено со нив живееле низ Европа. Најдените камени алатки исто така биле слични на алатки најдени во Германија и Источна Европа.

Биле анализирани останките од 13 неандерталци – 7 машки и 6 женски, од кои 8 биле возрасни, а 5 биле деца или млади адолесценти. Во нивната митохондриска ДНК истражувачите нашле неколку зеднички хетероплазми – генетски варијанти што опстануваат само по неколку генерации, па служат како индикатор за блиско семејно сродство.

Така, било утврдено дека меѓу испитаниците имало и татко со ќерка тинејџерка, како и неколку нивни роднини од втор степен: дете и возрасна жена која можеби му била братучетка, тетка или баба. Според изјавата на д-р Сков за Њујорк Тајмс, двајца од мажите биле братучеди на таткото на девојчето.

Сличноста на хетероплазмите укажала дека неандерталците во Пештерата Чагирскаја живееле и умреле во приближно исто време. Истражувачите претпоставуваат дека умреле од глад поради неуспешен лов на крупен дивеч во текот на есента.

Значаен наод од ова истражување е утврденото ниско ниво на генетска разноликост во рамки на заедницата, многу пониско од она кај праисториските и денешните луѓе од видот хомо сапиенс. Научниците тоа го поврзуваат со големината на групата помеѓу 10 и 20 индивидуи. Овие податоци се карактеристични за групи од загрозени видови што се на раб на истребување.

Анализата на генетските карактеристики на Y-хромозомите, кои се пренесуваат од татко на син, сепак покажале дека неандерталците не живееле комплетно изолирано. Споредувајќи ги со карактеристиките на митохондриската ДНК што се пренесува од мајката на сите потомци, истражувачите утврдиле многу поголема разноликост кај женските членки на заедницата.

Користејќи ги податоците од двете пештери, научниците направиле профил на популацијата. Заклучиле дека различните групи неандерталци меѓу себе комуницирале преку размена на снаи, односно преку миграција на возрасни женски членови, додека мажите претежно останувале во кругот на семејството.

„Нашата студија нуди конкретна слика за тоа како можеби изгледала една неандерталска заедница,“ изјавил Бенџамин Питер, еден од авторите на истражувањето. „Таа ми овозможи да ги сметам неандерталците за многу почовечки“, додава тој.

Стрипот Марти Мистерија „Злочин во праисторијата“ е на тема истребување на неандерталците. Слика: насловна страница на македонското издание (2005) од stripovi.com.

Неандерталците како вид изумреле пред околу 40.000 години. Има различни теории зошто ги снемало, од неприлагоденост на климатските промени, демографски фактори како родоскрнавење во рамки на мала популација, до геноцид од страна на кромањонците – директните претци на модерните луѓе. Последната претпоставка е честа тема во популарната култура, меѓу другите и во стрипот „Марти Мистерија“.

Овие праисториски Европјани претходно имале контакт со претците на денешните луѓе кои во тој период се иселувале од Африка, при што дошло до одредено вкрстување или асимилација.

Истражувањата на нобеловецот Паабо и неговите колеги покажале дека во геномот на различни популации денешни луѓе неколку проценти на гените се од неандерталско потекло, особено оние кои живеат или живееле низ Европа и Азија (1-7 отсто).

ПредходнаПрвата детска апликација за читање и слушање книги во Македонија!
СледнаАнтонија Гиговска блесна во креација на ЗЕРО потпишана од Огнен Анѓушев