Минатата година, нуклеарната физичарка Ивона Василеска од Струга, дојде до откритие што може да ја поевтини струјата за цела Европа. Во време кога континентот се соочува со енергетска криза, поразговаравме со неа за тоа колку овој изум може да придонесе во ублажување на кризата, но и во функционирањето на долг рок на големиот фузиски реактор ИТЕР во Франција. Младата Василеска не запира овде, има ново откритие – заедно со Јожеф Стефан Институтот во Љубљана, успеа да добие први резултати во светот каде вештачката интелигенција ќе биде споена со симулациите на плазмата од ИТЕР реакторот.
Василеска беше прогласена за првенка на генерација во Москва, во областа атомска и нуклеарна физика, а докторираше на Унивезитот во Љубљана. Во текот на истражувањата имаше откритие со помош на кое би се забрзало пуштањето во употреба на големиот магнетен фузиски реактор ИТЕР во Франција, со што цела Европа би можела да се снабдува со поевтина електрична енергија.
Дали го патентиравте ова ваше откритие?
Фузијата или јадрено соединување е реакција во која две или повеќе атомски јадра се судираат и се создава ново атомско јадро и се ослободува големо количество на енергија. За разлика од фисијата, која се користи во атомските нуклеарни централи, фузијата не создава радиоактивен отпад кој е штетен за луѓето. Основни хемиски елементи кои се користат во фузијата се изотопите на водород. На пример, Сонцето ја создава својата енергија со помош на нуклеарна фузија, и затоа мотото на ИТЕР значи да се доведи енергијата од Сонцето на Земјата. Првиот фузиски експериментален реактор е изграден во Русија во 1958 година за сега до ден денес во целиот свет има 30. Сите тие реактори се експериментални и на нив се извршуваат сите испитувања кои се потребни за изградбата на ИТЕР, а потоа и на ДЕМО (кој ќе биде надградена верзија на ИТЕР и како резултат ќе произведува 2000MW). На пример, пред неколку недели во САД во националната лабораторија „Лоренс Ливермор“ во Калифорнија создале реакција која произвела повеќе енергија од количеството што било потребно за да се започне реакцијата, минатата година во Кина на ЕАСТ фузискиот реактор за 1056 секунди плазмата достигнала температура од 70 милиони Целзиусови степени. Секоја година сè повеќе нови експерименти и нови резултати се добиваат со цел што побрзо ИТЕР да се изгради и пушти во употреба. Мојата работа и после докторатот продолжува го надоградувам она што го истражував во мојот докторат. Мојата цел беше да се најдат граничните услови за да не дојде до уништување на диверторот (кој е еден од најважните делови на фузискиот реактор). Успеав до сега со поголема енергија на плазмата да ги тестирам моите гранични услови. Дел од тие гранични услови кои ги поставив во мојот докторат веќе се користат во кодовите за симулација на плазмата.
Дали вашиот изум веќе наоѓа примена?
За да се постигне комплетна реализација на ИТЕР треба да помине една деценија затоа што работата е многу комплексна и е целосно нова. Работиме илјадници научници од целиот свет со цел што побрзо да се добие првата плазма во ИТЕР. Во науката секогаш треба да поминат многу години за да идните генерации го уживаат тој благодат. Затоа сите ние што работиме сме ентузијасти дека еден ден светот ќе има бесконечно количество енергија.
По обраната на докторатот, каде работите сега и кои се вашите планови за во иднина?
Моментално сум сè уште во Љубљана, Словенија и имам понуди за пост-докотрат за до специјализација на мојата работа. Во моментов работам на Машинскиот факултет на Универитетот во Љубљана како асистент истражувач. Заедно со Јожеф Стефан Институтот во Љубљана, успеавме да добиеме први резултати во светот каде вештачката интелигенција ќе биде споена со симулациите на плазмата од ИТЕР реакторот, а со тоа се доведува до скратување на времето потребно за едно истражување. И нашите планови се да продолжиме со ова ново откритие кое набрзо ќе биде и објавено.
Властите во Македонија до пред неколку месеци најавуваа незапамтено тешка зима кога станува збор за енергенсите т.е. за електричната енергија, заради високата цена.
Да, факт е дека силните економски држави имаат моќ да ја диктираат цената на електричната енергија. На жалост, природните ресурси од година во година се намалуваат, а со фузијата може да се произведе енергија само од водород кој го има насекаде околу нас. Целта на ИТЕР е најпрво државите во Европа да добијат ниска цена на електрична енергија, а потоа и во светот. Но, како што реков за тоа треба време, а за сега треба властите да се сконцентрираат на веќе она што го имаат како извор на електрична енергија. За жал, со високите цени на електрична енергија се соочува цела Европа и искрено се надевам дека ќе се најде алтернативно решение.