дома Технологија Прекумерната употреба на фосфор може да го наруши глобалното производство на храна

Прекумерната употреба на фосфор може да го наруши глобалното производство на храна

72

На нашата планета ѝ се заканува „фосфогедон“, предупредуваат научниците, изразувајќи стравувања дека злоупотребата на фосфор може да резултира со недостиг на фосфатни ѓубрива што би го нарушило производството на храна на глобално ниво.

Прекумерната употреба на фосфор ги исцрпува резервите кои се клучни за глобалното производство на храна, а со тоа се придонесува за климатската криза, пишува Гардијан.

Во исто време, процесот на испирање на фосфатните ѓубрива од полињата заедно со отпадните води, кои потоа се влеваат во реките, езерата и морињата, резултира со широко распространето цветање на алгите и создавање на водни мртви зони кои ги загрозуваат резервите на риби, предупредуваат научниците.

Дополнително, прекумерната употреба на овој елемент го зголемува ослободувањето на метан низ целата планета, истовремено влијаејќи на зголеменото глобално затоплување и растечката климатска криза предизвикана од емисијата на стакленички гасови.

„Дојдовме до критична точка. Можеби ќе можеме да се вратиме на стариот начин, но сега навистина треба да се вразумиме и да почнеме да го користиме фосфорот на многу помудар начин. Ако не го сториме тоа, ќе соочиме со катастрофа која ја нарековме ‘фосфогедон’ “, вели професорот Фил Хејгарт од Универзитетот Ланкастер.

Фосфорот бил откриен во 1669 година од германскиот научник Хениг Брант, кој го изолирал од урината. Се покажа дека е неопходен за живот. Коските и забите главно се направени од минералот калциум фосфат, соединение кое произлегува од него, а овој елемент е присутен во нашата ДНК и во клеточните мембрани.

„Едноставно кажано, нема живот на Земјата без фосфор“, објасни професорката Пени Џонс од Универзитетот Бристол.

Глобалното значење на овој елемент е во неговата употреба – фосфорот го помага растот на земјоделските култури. Секоја година во светот се продаваат околу 50 милиони тони фосфатно ѓубриво. Оваа количина игра клучна улога во прехранувањето на осумте милијарди жители на нашата планета.

Но, поголеми наоѓалишта на фосфор се наоѓаат само во неколку земји: Мароко и Западна Сахара имаат најголеми количини, Кина е второто најголемо наоѓалиште, а Алжир е трето.

Зголемениот притисок врз наоѓалиштата ги натера експертите да се загрижат дека светот може да се соочи со намалени резерви на фосфор во рок од неколку години, оставајќи многу нации да се борат за да го набават за да го прехранат своето население.

Ваквите предвидувања загрижуваат многу аналитичари, кои се плашат дека неколку картели наскоро би можеле да го контролираат најголемиот дел од светските резерви, оставајќи го Западот многу ранлив на скок на цените. Резултатот би бил сличен на нафтената криза од 1970-тите.

Аналитичарите велат дека се однесуваме расипнички при користењето фосфати на нивите.

Изваденото ѓубриво, како и испуштањето отпадни води богати со фосфор, резултираат со големо загадување на водата и влијаат на штетното цветање на алгите.

Некои од најголемите слатководни подрачја во светот се исто така погодени од овој проблем, вклучувајќи го Бајкалското Езеро во Русија, езерото Викторија во Африка и езерото Ири во Северна Америка. Цветањето во Ири резултираше со целосна контаминација на водата за пиење во последниве години.

Исто како и на копно, фосфатите помагаат во растот на водните растенија, но нивниот раст го задушува цветањето на алгите, па затоа во овие области се формираат водени мртви зони.

А таквите кризи доведуваат до дополнителни еколошки проблеми.

„Климатските промени значат дека ќе има уште повеќе цветање на алги по единица фосфатно загадување поради потоплите временски услови“, рече професорот Брајан Спирс од британскиот центар за екологија и хидрологија Мидлотиан.

„Проблемот е во тоа што кога таа алга ќе умре, таа може да се распадне и да почне да произведува метан. Значи, зголемувањето на цутот ќе значи дека повеќе метан ќе се пумпа во атмосферата, а метанот е 80 пати помоќен од јаглерод диоксидот кога станува збор за затоплување на атмосферата… Тоа е причина за вистинска загриженост“, предупреди Спирс.

МИА

– Реклама –

ПредходнаАко ги чуваме уличните мачки, и тие ќе го чуваат градот
СледнаАлбумот „Пиле шарено“ ја најавува музичката пролет