Озмен, НЕ КАЖУВАЈ НИКОМУ
„Не кажувај никому“ од турската авторка Гонџа Озмен, излезе од печат во издание на Лаг Агро Лидер, со поддршка на Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД (Regional Network for Cultural Diversity – READ). Проектот РЕАД го спроведува Гете-институт Скопје во соработка со пет партнерски организации од балканските земји.
„Не кажувај никому“ е трета објавена и поддржана публикација во рамките на едицијата „Балканска женска поезија“, чиј уредник е Звонко Димоски. Претходно беа објавени „Мајка ми знае што се случува по градовите“ и „Денови со полна месечина“ од српските авторки Радмила Петровиќ, односно Витомирка Требовац.
Препевот на македонски јазик го направија Наташа Забрчанец и Звонко Димоски, дизајнот на корицата е на Емилија Малезан, додека поговорот е на акад. Катица Ќулавкова.
Гонџа Озмен е една од најпознатите и највпечатливите турски поетеси од нејзината генерација. Родена во Бурдур, Тефени во 1982 година. Нејзината прва песна објавена е 1997 година во книжевното списание Varlık и веднаш била прогласена за „Поетеса на која треба да се обрне внимание во иднина“ (Младински награди Јашар Наби Најир). Не кажувај никому е прва книга на Озмен објавена на македонски јазик, а нејзината поезија е преведувана на англиски, германски, француски, шпански, словенечки, италијански, романски, персиски, грчки и хебрејски јазик. За своето поетско творештво е добитничка на бројни награди за поезија.
Од поговорот на акад. Катица Ќулавкова:
„Поезијата на Гонџа Озмен е атрактивна на суптилен начин. Да го споиш атрактивното со суптилното, треба да бидеш вешт илузионист. Затоа таа го поттикнува љубопитството на читателот, а нејзините поетски книги доживуваат за кусо време по неколку изданија. Да се чита поезијата на Гонџа е привилегија, затоа што се доживува како перформанс, како мал спектакл“.
„Песните од оваа збирка на Гонџа се театрални, сценични. Тие се испишани или како монолог, или како дијалог, не ретко во облик на имагинарни писма – епистули, некогаш и со извесна доза на конфесионалност. Тие се обраќање до некое друго отсутно, а присутно лице. Во песната се даваат контурите на сцената, кореографијата на љубовниот танц, мизансценот на меѓучовечката драма. Поетскиот чин се случува сега и тука, во мигот на читањето на песната. Читајќи ја песната на Гонџа, ние ја актуализираме одново нејзината интимна „приказна“.
Звонко Димоски, препејувач и уредник:
„Да се работи со оригиналната поезија на Озмен е предизвик од многу причини. Нејзините стихови ја отсликуваат и нарушуваат традицијата (понекогаш во иста реченица), носат комплексни зборовни односи меѓу луѓето, како и на луѓето со сопствените мисли, желби, потеклото и традицијата. Љубовта, ранливоста и телесноста за која пишува скоро секогаш се во судир со нечии грешки, фантазии, недоразбирања и невистини, а низ нив лирски и ненаметливо ја вметнува феминистичката перспектива, давајќи одраз на вкоренетите културолошки модели и ставови“.
Оливера Јовеска, авторка и филолог:
„Гонџа е жив оган. Страв да те фати од толкава сила. Средбата со неа е ситуација ‘бегај или бори се’. Како да е тоа прашање на избор! Првиот искуствен миг е преку срцето и белите дробови, сите други телесни функции запираат. Поезијата на Гонџа не е наивна и нежна, таа е толку страсна, вешта, освестена, врвно умешна, знае тајни канали и процепи за да ти се мушне и да заживее отпосле. Поезијата на Гонџа има моќ да создава нови синапси. Од под тој прв емоционален пласт штедро се истураат значења и знаења, семантички нијанси, симболи, неологизми, се открива светоглед дотогаш невидлив, се поместуваат постојните граници, претворајќи се полека и сугестивно во неверојатно сознајно искуство“.
БАКАРНО ЛОНЧЕ
Секој имаше некого далеку, јас по својот долго викав
Пред мене секој имаше некаква жена
Бев тврдоглава, бев груба, бев бакарно лонче кое се клати
Секогаш несмасна во сечија радост
Оние кои се отворија со ветрот во мене
Оние кои висат од умот на небото
Што би можела да ти земам, си заминав
Кажи дека талкав низ шуплините на дрвјата
Во секоја грмушка малку си ја помрачив судбината
Што и да сторив, не го допрев чудото во кое верувате
Сите беа цели, единствено јас не
Изгледав како дете кое паѓа
Светот е толку многу ниско место
Слетав, не летав