Индија се подготвува за својата трета мисија на Месечината, со цел да биде првата земја што ќе слета во близина на малку истражениот Јужен пол, пишува Би-Би-Си.
Лансирањето е закажано за во петок, од страна на вселенскиот центар Срихарикота, а вселенското летало Чандрајаан-3 ќе се состои од орбитер, лендер и ровер.
Од индиската вселенска организација изјавија дека лендерот се очекува да стигне до Месечината помеѓу 23 и 24 август. Доколку оваа мисија биде успешна, Индија ќе стане четвртата земја што постигнала меко слетување на Месечината, приклучувајќи се на листата на Соединетите Американски Држави, поранешниот Советски Сојуз и Кина.
Чандрајаан-3 е најновиот проект во индиската програма за истражување на Месечината и е подготвен да се надоврзе на достигнувањата на своите претходни мисии.
Пред околу 13 години беше лансирана првата индиска мисија на Месечината, во 2008 година, која ја спроведе првата детална потрага по вода на површината на Месечината и утврди присуство на атмосфера во текот на денот, како што објасни Мајлсвами Анадурај, проектниот директор на Чандрајаан-1.
Втората мисија, Чандрајаан-2, беше лансирана во јули 2019 година и се состоела од орбитер, лендер и ровер. Сепак, оваа мисија постигнала делумен успех, при што орбитерот продолжил да орбитира и да ја проучува Месечината, додека лендер-роверот се урнал за време на слетувањето поради дефект во системот за сопирање во последен момент, појасни Анадурај.
Шефот на Индиската организација за вселенски истражувања, Сридара Паникер Соманат, нагласи дека е направена прецизна анализа на податоците од падот на претходната мисија „ Преку симулациски вежби, тие работеа на отстранување на грешките и обезбедување на успехот на Чандрајаан-3. Со тежина од 3.900 кг и чини 6,1 милијарди рупии (75 милиони долари; 58 милиони фунти), Чандрајаан-3 ги дели истите цели како и неговиот претходник – постигнување меко слетување на површината на Месечината“.
Како Чандрајаан-3 ќе стигне до Месечината
Соманат го изрази својот оптимизам за мисијата, велејќи: „Роверот е опремен со пет инструменти кои ќе се фокусираат на испитување на физичките карактеристики на површината на Месечината, атмосферата во близина на површината и тектонската активност под неа. Очекуваме да направиме нови откритија“.
Примарниот научен интерес за јужниот пол на Месечината произлегува од неговиот релативен недостаток на истражување во споредба со северниот пол. Поголемата површина на јужниот пол во сенка ја зголемува можноста за постоење на вода во постојано затемнетите региони. Чандрајан-1 претходно откри вода на Месечината во близина на јужниот пол во 2008 година.
Анадурај нагласи дека податоците од падот на Чандрајан-2 се опширно анализирани и искористени за да се поправат грешките во најновата мисија. Тој изјави дека „орбитерот од Чандрајаан-2 обезбеди слики со висока резолуција од местото на слетување“.
„Ние внимателно ги проучувавме. Ова ги прошири нашите можности за слетување со идентификување на бројот на камења и кратери во регионот. Прецизноста на слетувањето е клучна за успешни операции, бидејќи мора да се совпадне со почетокот на лунарниот ден. Имајќи предвид дека еден ден на Месечината трае 14 дена на Земјата, батериите на лендерот и роверот ќе бараат сончева светлина за полнење и функционирање“, вели тој.
Анадурај дополнително ги разјасни поголемите цели на индиската вселенска програма, наведувајќи дека „нашата визија ја опфаќа науката, технологијата и иднината на човештвото“.
Иако Индија не е сама во своите лунарни амбиции, постои растечки глобален интерес за Месечината како порта кон длабоката вселена. Научниците тврдат дека останува уште многу да се разбере за Месечината, а Анадурај ја изрази потребата од понатамошни истражувања за да се разбере потенцијалот за воспоставување живеалиште со користење на локално достапните ресурси и снабдување со човечки пунктови.
„Крајната цел на индиските вселенски сонди е Месечината, која се наоѓа на 360.000 километри, да стане проширен континент на Земјата. Наша цел е да бидеме активни учесници, а не пасивни набљудувачи на тој континент, со активен и заштитен живот. Нашата работа мора да продолжи да напредува кон оваа цел“, рече Анадурај.