дома Популарно Никој од ЕУ не рекол дека Западниот Балкан нема да влезе во...

Никој од ЕУ не рекол дека Западниот Балкан нема да влезе во Унијата додека не се спроведат внатрешните реформи

83

Ниту еден официјален претставник на ЕУ не рекол дека Западен Балкан нема да влезе во ЕУ се додека Унијата внатрешно не се доуреди, изјави претседателот Стево Пендаровски, кој одговараше на новинарски прашања по актуелни теми за време на неговата посета на Охрид.

„Ние што подолго ги следиме процесите на европските интеграции знаеме дека тоа не е ништо ново. Макрон на почетокот на својот говор, специфично во тој дел каде зборува за внатрешно преуредување на ЕУ вели: ова што го кажувам сега ви го кажав и пред пет години. Тоа е неговата стара идеја за продлабочување, пред проширување или продлабочување со проширување“, рече Пендаровски.

Притоа тој нагласи дека францускиот претседател Емануел Макрон нема ниту една изјава во која вели дека Западниот Балкан не треба да влезе во ЕУ пред да се спроведат реформите во рамки на самата Унија за кои зборуваше пред пет години.

„Франција беше спонзор на европската преговарачка рамка која ја усвоивме минатата година. Дека тоа е така зборува и г-ѓа Бун, која е министер за Европа во Администацијата на Макрон. Таа сигурно знае што мисли нејзиниот шеф. За тоа се потврда и зборовите на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој е најблизок политички пријател на Макрон и секоја голема идеја во Европа што ја промовира Макрон, Шарл Мишел истиот момент ја прифаќа. Ако поради домашни политички причини барате изговор зошто не гласате за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ и велите дека ние сме спремни да гласаме за Европа, но Макрон не не сака, тоа е друго. Да бидеме прецизни, реални и фер спрема нашите европски пријатели, досега ниту еден од европските официјални лица не рекол дека Западен Балкан нема да влезе, ниту една од шесте држави, додека ние внатрешно не се доуредиме“, рече Пандаровски.

Според него, без внатрешни опструкции какви што прави опозицијата, можно е и пред 2030 да има проширување на ЕУ што, како што повтори, го истакнала француската министерка за Европа.

„Секој разумен човек ги знае аргументите ’за’ или ’против’. Тоа е сосема јасна дилема. Имаме седум народи и делови од народи во Уставот, проблем ли е да ставиме уште шест делови од народи во истиот тој Устав. Како тоа ќе ја загрози Македонија. Или како второ, ако имаш политички причини чекајќи ги следните избори за да дојдеш на власт и потоа да мислиш за Европа, тоа е друга работа. Тоа не е стратешко размислување, тоа е теснопартиско размислување што сигурно се судира со стратешките интереси на Македонија“, рече претседателот Пендаровски.

МИА

– Реклама –

ПредходнаНа Украина ѝ се потребни 160 борбени авиони
СледнаЗа неколку дена ќе го имаме идентитетот на лицето кое го вееше знамето на „Голема Албанија“