Македонската фудбалска репрезентација до 21 година се подготвува во Скопје за претстојниот старт на новиот евроквалификациски циклус во кој напаѓачот Марио Илиевски очекува „црвено – жолтите“ да имаат успешни настапи во дуелите со Шведска, Холандија, Грузија, Молдавија и Гибралтар.
Скопје, 4 септември 2023 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација до 21 година се подготвува во Скопје за претстојниот старт на новиот евроквалификациски циклус во кој напаѓачот Марио Илиевски очекува „црвено – жолтите“ да имаат успешни настапи во дуелите со Шведска, Холандија, Грузија, Молдавија и Гибралтар.
Избраниците на селекторот Драган Канатларовски квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 во Словачка, ќе ги почнат в петок на гостински терен против Шведска во Јонкопинг во рамки на групата Ц, а на 12 септември во Скопје ќе гостува Холандија во второто коло.
Напаѓачот на Кишварда и еден од главните играчи на репрезентацијата до 21 година Марио Илиевски со нетрпение го очекува стартот на квалификациите и првиот меч против Шведска.
„Добро ја анализиравме играта на Шведска и на тимско и индивидуално ниво. Селекција која располага со многу квалитетни фудбалери кои настапуваат во големи европски клубови. Ние сме максимално фокусирани на дуелот со Шведска. Сакаме да ги отвориме квалификациите со победа и освојување три бода“, изјави денеска Илиевски за сајтот на ФФМ.
Илиевски посочи дека во репрезентацијата владее одлична атмосфера и сите играчи се подготвени заедно да го дадат максимумот на секој натпревар што следи.
„Оваа генерација има квалитет, но и огромна желба за остварување на големи резултати. Очекувам на претстојните квалификации да одиграме на едно високо ниво, со голема борба и пожртвуваност и верувам дека доколку биде се во ред ќе имаме успешни квалификации. Сигурен сум дека имаме квалитет и можеме да го повториме историскиот успех од 2017 година и учеството на тогашната репрезентација на Македонија на Европското првенство кое се одржа во Полска, подготвени сме тоа“, порача Илиевски.
ФОТО: ФФМ