дома Македонија Спомен-куќата на Блаже Конески во Небрегово ставена на туристичката мапа за задолжителни...

Спомен-куќата на Блаже Конески во Небрегово ставена на туристичката мапа за задолжителни посети

63

Спомен-куќата на великанот Блаже Конески во Небрегово и официјално се става на туристичката мапа за задолжителна посета при екскурзиите на учениците и при посетите на странските туристи. Иницијативата е на Културно-едукативниот центар „Небрегово“. Со пригоден собир пред родната куќа на Конески е потпишана и декларација.

Мимоза Конеска, туристички работник од агенцијата „Војаџер“, вели дека ова е достоен чин за Блаже Конески. За догодина се најавуваат голем број странски туристи.

-По иницијатива на Културно-едукативниот центар „Небрегово“ спомен-куќата на великанот Блаже Конески во Небрегово се става на туристичката мапа на Македонија. Спомен-куќата ќе биде поставена во програмата на сите основни и средни училишта и во сите програми за посета на странските туристи во Македонија. Горди сме што оваа иницијатива е доведена до реализација. Тоа ќе значи многу повеќе туристи за Прилеп, за Небрегово, за спомен-куќата и многу повеќе информации стигнати до основните и до средните училишта, онаму каде што треба за тоа што значи Блаже Конески и што значи спомен куќата во Небрегово. За 20-ина дена со Здружението ќе излеземе со податоци за најавата на странски туристи кои ќе дојдат во посета во Македонија. Денес се потпишува декларацијата со која официјално, целата програма за Спомен-куќата, заедно со цената на чинење, заедно со локалните информации за пред и после посетата на Небрегово. Инаку, најавите за странски гости за наредната година се големи. На минимум 60 насто од програмите е веќе ставена како задолжителна посета, изјави Конеска.

Официјализирањето на иницијативата е симболично во пресрет на големиот празник – Денот на независноста зашто Конески е втемелен во државноста и македонскиот културен идентитет.

-Блаже Конески се вградил, и како човек и со неговото епохално дело во националните обележја, во нашиот културен, национален идентитет и во нашата опстојба. Тоа е главната причина што Блаже Конески треба да се најде на туристичката мапа на Македонија. И не само Спомен-домот. Во Прилепско-долненскиот регион има уште неколку обележја кои го заслужуваат тоа, рече Атанас Конески, секретар на Културно-едукативниот центар „Небрегово“.

Спомен-куќата на Блаже Конески е споменик на културата од 1 август 2005 година. Во книгата на посети впечатоци запишале преку 1 300 од посетителите и гостите.

-Интересот за посета е голем. Со оваа нова иницијатива, посетеноста уште повеќе ќе се зголеми, зашто Блаже Конески го заслужува тоа. Овде има посети од ученици, студенти, посетители, се прават повеќе проекти. И ние како Завод и музеј кој се грижи за спомен-домот на Конески, нашите проекти ги правиме токму во Спомен-куќата, рече Лилјана Неделкоска од прилепскиот Завод и музеј.

– Реклама –

ПредходнаЕДС Инфо поинт: Просечната цена на струјата на HUPX берзата денескa изнесува 99,72  евра за мегават час, на МЕМО 101,59  евра за мегават час
СледнаАНТИДЕПРЕСИВНА ДИЕТА – намалете го стресот и нервозата, чувствувајте се позитивно и расположено