дома Популарно Две години од трагичниот пожар во модуларната тетовска болница, во кој животите...

Две години од трагичниот пожар во модуларната тетовска болница, во кој животите ги загубија 14 лица

80

Денес се навршуваат две години од пожарот во модуларната болница во Тетово кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени. Починатите се претежно пациенти, кои беа на болничко лекување поради Ковид -19 во таа модуларна болница, а двајца се членови на семејствата на болните.

Две години подоцна заврши првостепенот судски процес, а Обвинителството сè уште работи на предистражна постапка околу тендерот за набавка на модуларните болници. Во неправосилната пресуда има две условни казни, една парична и две ослободителни пресуди.

По пожарот на 8 септември 2021 година, почна истрага, која резултираше со обвинителен предлог до Основен суд Тетово на 27 јули 2022. Обвинителството ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово, Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ и докторот Бобан Вучевски за кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Првото судско рочиште беше закажано за 6 септември, но четири пати беше одложувано и судскиот процес почна на 4 декември 2022 година.

Судењето заврши на 5 јуни 2023 година, при што условна осуда од година и половина добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.

Според пресудата, Флорин Бесими и Артан Етеми добија казна затвор од по една година и шест месеци. Им се изрекува условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело.

Основното јавно обвинителство Тетово, еден месец подоцна на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда.

– Жалбата се однесува како во однос на висината на определената кривична санкција за двајца од обвинетите, така и во однос на ослободителната пресуда за еден од обвинетите. Причините за жалбата јавното обвинителство ќе ги образложи пред надлежниот суд, информираа од Обвинителството.

Од Јавното Обвинителство воедно потсетуваат дека во врска со тендерот за набавка на модуларните болници и понатаму се води уште една предистражна постапка во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

После првостепената пресуда на Основен суд Тетово и поднесените жалби од овој месец предметот е во Апелационен суд Гостивар.

– Кривичниот предмет на Основен суд Тетово К.бр. 450/22 од 05.06.2023 година во Апелационен суд Гостивар е примен на ден 04.09.2023 година и заведен под број КЖ.бр. 318/23, е даден на работа во кривичниот совет при овој суд и се постапува по предметот, запазувајќи го редоследот по утврдениот Годишен распоред за 2023 година, согласно одредбите од Законот за кривична постапка и Судскиот деловник, информираа од Апелационен суд Гостивар.

Претставници на семејствата на 14 лица кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово за денеска на двегодишната од пожарот и трагедијата во која ги загубиле своите блиски, најавија јавен протест со цел да побараат да има ново обвинение.

-Очекуваме ново обвинение. Ние од почетокот бараме правда и очекуваме правда, но во оваа држава се гледа дека нема правда. Но излегува вистината кој е крив. Јас спомнав неколку пати дека не се овие тројца, имаат нешто вина ама има и поголем синџир. Новинарите од ИРЛ ја извадија вистината кој е виновен, а кој не е виновен, изјави Мумин Исмаили, кој во пожарот ги загубил братот и мајката.

Собирот ќе почне кај модуларната болница, по што ќе се оди сѐ до зградата на Основен суд Тетово.

МИА

– Реклама –

ПредходнаСАД и натаму ќе стојат зад Северна Македонија
СледнаЛидерството на ВМРО-ДПМНЕ води нерационална дискусија за уставните измени