дома Македонија Ако за земјите од Западен Балкан се инститира прво да ги решат...

Ако за земјите од Западен Балкан се инститира прво да ги решат билатералните спорови, тогаш ниту една нема да влезе во ЕУ

75

Во изминатите три години имаме сериозен дисбаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во Европската Унија и надминување на билатералните спорови, бидејќи билатералниот спор со Бугарија за жал ја покри целокупната традиционална агенда за пристапување, порача денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, на заедничката прес-конференција во Скопје со неговите колеги од Словенија и Хрватска, Наташа Пирц – Мусар и Зоран Милановиќ по состанокот во рамки на процесот Брдо-Бриони.

Пендаровски одговори на новинарско прашање во врска со тоа дали во однос на државите од Западен Балкан е поважно да ги решат чисто билатералните спорови, отколку да ги исполнат критериумите за членство содржани во поглавјата.

Пендаровски посочи дека во однос на земјава јасно е дека постои прилично голем дисбаланс во тој сооднос.

„Нам ни е јасно дека ’97 година таа т.н. регионална клаузула или добрососедските односи мора да се исполни. Во однос на нашата земја, нашите аспирации, нашиот пат досега, јасно е дека постои прилично голем дисбаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во ЕУ и билатералните односи со намалку двајца од нашите соседи. Во изминатите три години ние имаме сериозен дисбаланс во таа смисла, затоа што билатералниот проблем со Бугарија, ја покри за жал целокупната традиционална агенда за пристапување. Ние се надеваме дека најскоро тоа ќе се промени, бидејќи ако на Западен Балкан инстистираме најпрво да бидат решени чисто билатералните спорови и посебно ако тие се потпираат на историја и на емоции тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ“, рече Пендаровски.

Хрватскиот претседател истакна дека се важни и критериумите и решавањето на споровите и додаде дека тоа се процеси, кои се одвиваат паралелно.

„Важно е и едното и другото, постојат отворени прашања, особено меѓу Србија и Косово, кои меѓусебно не се признаваат. Тоа се процеси, што се одвиваат паралелно и истовремено и ќе повторам уште еднаш сметам дека овој вид на дијалог е вреден и дека е најлошо кога ќе стивнат телефонските линии. Тоа е смрт за дијалогот, за комуникацијата, за меѓусебното разбирање, па и недоразбирање. Еден од најважните моменти во скорешното минато е поврзан со идентитетот и самопочита на државите во овој простор, а тоа е кога Украина доби кандидатски статус пред БиХ, тоа беше необјасниво, но ете се случи“, рече Милановиќ.

Словенечката претседателка истакна дека е недвосмислено оти решавањето на билатералните спорови е во интерес на ЕУ, на пристапувањето во Унијата, но секако и во интерес на државите кои сакаат да станат членки.

Пирц – Мусар напомена дека сепак таа не е приврзаник на одолговлекување на процесот за влез во ЕУ поради билатерални проблеми.

МИА

– Реклама –

ПредходнаДКСК со иницијатива за кривично гонење на Мерко и други лица за отуѓување на земјиште во центарот на Струга
СледнаКремљ ја потврди средбата Путин