дома Македонија Со донациите за ДУИ е прекршен законот, предметот ќе се достави до...

Со донациите за ДУИ е прекршен законот, предметот ќе се достави до ДЗР и Министерството за правда

68

Предлогот што го отвори по сопствена иницијатива – за прекршување на Законот за финансирање политички партии, Антикорупциска комисија го затвора и ќе го проследи до Државниот завод за ревизија (ДЗР) и до Министерството за правда како надлежни за надзор и следење на финансирањето политички партии.

Шемши Салаи, член на ДКСК, на денешната 92-ра седница на Комисијата рече дека се работи за донација за Демократска унија за интеграција (ДУИ) која била поголема од тоа што го дозволува законот, а предметот, рече, го отвориле по сопствена иницијатива врз основа на новинарско прашање.

Врз основа на извештаите што ги добиле од ДЗР, констатирано е прекршување на член 16 од Законот за финансирање политички партии, затоа што физичко лице има донирано повеќе отколку што е законски дозволено.

Според законот, износите на донациите се регулирани и партиите не смеат да примат повеќе од 60 просечни нето плати од правни лица и повеќе од 30 просечни плати во државава од физички лица.

Од ДУИ ги добиле бараните документи и потврда дека во меѓувреме и самите го констатирале надминатиот износ и донеле одлука средствата заедно со вирмани дека се вратени.

-Констатирале и дека од два правни субјекта добиле поголем износ и решиле да ги вратат во јули 2023, рече Салаи.

Сепак, повредата на член 16 од Закон за финансирање политички партии е направена затоа што парите не се вратени веднаш или најдоцна од 15 дена од нивното донирање. Поради тоа за овој предмет ДКСК ќе ги информира ДЗР и Министерството за правда.

Членовите на ДКСК усвоија предлог да се иницира кривично гонење до ОЈО против градоначалник на една општина затоа што исплатил еднократна парична помош од општинскиот буџет, од Програма за мерки и активности од областа на социјална заштита, за време на избори во 2018 и 2019.

Се работи за исплата на 200.000 денари кон 38 физички лица, еднократни трансфери од буџетски средства. Одлуката тој ја донел во период на избори.

ДКСК укажа дека е прекршен Изборниот законик според кој од денот на донесување одлука за избори до изборот на претседател или до составување на Собранието не смее да се вршат исплати на материјални надоместоци од буџетски средства или од јавни фондови кои не се редовни месечни исплати. Тоа е содржано и во Законот за спречување корупција и судир на интереси, а за кривично дело се смета противзаконско располагање со буџетски средства за време на избори за што е предвидено затвор од три до пет години.

Антикорупциската комисија одлучи да запре постапувањето по предмет од анонимен подносител кој се сомнева во унапредување на седум вработени во скопска општина и дека тоа е направено наводно спротивно на Законот за административни службеници.

Според ДКСК, непотврдени се наводите во пријавата. Констатирано е дека се сменети одредби на Законот за административни службеници, но дека погрешно дефинирање на условите во огласот не влијаело битно на унапредувањето на вработените кои повеќе години работеле во општината.

-Направено е според правила на интерен оглас согласни акти од МИОА и грешката што е направена во објавување на огласот не влијаела битно на изборот на самите вработени, констатираше ДКСК, која одлучи да го запре постапувањето по овој предмет.

Антикорупциската комисија на седница денеска предложи училишниот одбор во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ и министерот за образование и наука да утврдат одговорност на директорот на училиштето, како надлежен за извршување на буџетот, поради наменска јавна набавка на концертен клавир, спроведена без технички дијалог, и за незаконско ангажирање штимери на клавир.

Од документите е утврдено дека техничка спецификација на набавениот клавир се совпаѓа со понудата која била единствена. Тројца клавир штимери имаат исто презиме од една фамилија, а еден од нив има приватна фирма преку која е извршена набавката.

МИА

– Реклама –

ПредходнаКим Џонг-ун најверојатно се упатил кон Русија со воз
СледнаПовеќе од 2.000 жртви во земјотресот во Мароко