дома Македонија Нема да се издава нова еврообврзница, ќе се бара заем од Светска...

Нема да се издава нова еврообврзница, ќе се бара заем од Светска банка

62





Нова еврообврзница до крајот на годината нема да се издава, а со ново задолжување во Светска банка ќе бидат достапни средства за значајни проекти, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за издавањето на последната еврообврзница.

Тој појасни дека задолжувањето на домашниот и меѓународниот пазар на државата е регулирано со Стратегијата за јавен долг којашто се одобрува во Собранието кога се одобрува и буџетот.

„Еврообврзница издадовме на почетокот на годината, на крајот од првиот квартал и се искористи за раздолжување на еврообврзница која беше земена во 2016 година. Таа беше искористена за плаќање на сите оние стиропори кои се распаѓаат, палми во Вардар, статуи на мостовите кои ги плаќаа под два-три милиони евра. Така што, таа веќе ја раздолживме. Нова еврообврзница нема да се издава до крајот на годината, а задолжувањето ќе биде согласно со Стратегијата за јавен долг, било тоа да е со државни обврзници или проектно финансирање“, рече премиерот Ковачевски.

Тој најави дека идната недела ќе патува за САД на состанок во Светска банка на високо ниво за добивање средства за финансирање на проекти во земјава.

„Веќе разговараме за проекти значајни за унапредување голем број области во државата кои ќе бидат финансирани од Светска банка. Преговорите се финализирани и по состанокот оттаму очекувам добри вести во однос на процедурите кои ќе отпочнат. Со ова на Северна Македонија ќе ѝ бидат достапни средства, чиј износ во оваа прилика не сакал да ги кажам, но ќе биде навистина значаен. Со тие средства ќе се работат проекти на државно но и локално ниво“, подвлече премиерот Ковачевски.

МИА

– Реклама –








ПредходнаАлтернатива, БЕСА и Демократско движење доставија интерпелација за работата на обвинителот Јовески
СледнаКрим е одлучувачки за мирот