Сослушувањето за Неидентификуваните летечки ојекти (НЛО) во конгресот во Мексико, кое вклучуваше презентација на наводни останки на нечовечки суштества, наиде на брза меѓународна реакција, при што критичарите го нарекоа тоа измама, а официјалните лица во Перу прашуваа каде се „најдени посмртните останки“.
Мексиканскиот новинар и долгогодишен ентузијаст за НЛО, Хаиме Маусан, на сослушувањето во вторникот на политичарите им покажа две мали „тела“ изложени во кутии, со три прста на секоја рака и издолжени глави. Тој тврдеше дека биле пронајдени во Перу во 2017 година и дека не се поврзани со животот на Земјата. Маусан имаше слични контроверзни тврдења и во минатото.
Фотографиите од сослушувањето во Конгресот, прво од ваков вид во Мексико, предизвикаа меѓународна љубопитност, но и значително презир.
Поранешниот пилот на американската морнарица Рајан Грејвс, кој исто така присуствуваше на сослушувањето за да го сподели своето лично искуство со забележаните „неидентификувани аномални феномени“ (НАФ – UAP), ја критикуваше презентацијата.
„Вчерашната демонстрација беше голем чекор наназад за ова прашање. Длабоко сум разочаран од оваа неоснована измама.“, рече Грејвс на платформата за социјални медиум Х.
Грејвс учествуваше на сослушувањата во американскиот Конгрес за НАФ во јули, кога рече дека забележаните необјаснети феномени во воздушниот простор „ретко се пријавуваат“.
Маусан во презентацијата рече дека примероците биле пронајдени во близина на древните линии на Наска во Перу и биле датирани од јаглерод од страна на Националниот автономен универзитет на Мексико (УНАМ) и заклучиле дека се стари околу 1.000 години. Тој тврдеше дека тие не се поврзани со ниту еден вид на Земјата. Се испостави дека слични такви наоди во минатото биле остатоци од мумифицирани деца.
Министерката за култура на Перу, Лесли Уртеага, рече дека ниту една научна институција во јужноамериканската земја не ги идентификувала посмртните останки како нечовечки и се прашува како примероците го напуштиле Перу.
„Постои кривична пријава од Министерството за култура против некои луѓе кои биле во врска со овие господа“, им изјави Уртеага на новинарите, мислејќи на Маусан и неговите соработници.
Маусан изјави за агенцијата Reuters во четвртокот дека неговите критичари допрва треба да презентираат докази за да ги побијат неговите тврдења.
„Она што тие сакаат е да ја одземат моќта што ја има ова откритие, но само со изјави и без никакви докази“, рече Маусан.
Од УНАМ го одбиле барањето на Reuters да ги видат сите резултати од студијата или да ги интервјуира истражувачите-учесниц. Иисто така, одбиле да кажат колку години студијата покажала дека примероците се стари.
Претставниците на американската агенција за веселенски истражувања NASA покренаа прашања за презентацијата на Мексико додека го објавија својот сопствен извештај за препораките да му помогнат на Пентагон да ја открие и испрашува НАФ.
Дејвид Спергел, поранешен шеф на одделот за астрофизика на Универзитетот Принстон и главен автор на извештајот, рече дека не ја знае природата на примероците, но повика на транспарентност.
„Ако имате нешто чудно, направете ги примероците достапни на светската научна заедница и ќе видиме што има таму“, рече тој.