Американската технолошка компанија „Apple“ во петокот соопшти дека ќе го ажурира софтверот на својот паметен мобелен телефон iPhone 12 во Франција, почитувајќи го барањето на француските власти кои привремено ја забранија неговата продажба поради прекумерно ниво на радијација.
„Ќе го ажурираме софтверот на француските корисници и ќе се прилагодиме на протоколот што го користат француските регулатори. Со нетрпение очекуваме iPhone 12 да продолжи да биде достапен во Франција“, објави „Apple“.
„(Ажурирањето) е поврзано со протоколот за тестирање што го користат француските регулатори, а не безбедносно прашање“, се вели во соопштението.
Францускиот мрежен регулатор ANFR ќе го тестира ажурираниот софтвер на краток рок, се вели во соопштението на државниот секретар за дигитални прашања Жан Ноел Баро, нагласувајќи дека ажурирањето на крајот ќе го усогласи iPhone 12 со европските стандарди, кои се на сила во Франција.
Од ANFR го известија „Apple“ во средата дека ја забрани продажбата на iPhone 12 откако тестовите покажале дека неговата стапка на апсорпција на радијација (SAR) е малку над законската граница. Додадоа дека резултатите ќе ги проследат до регулаторите во другите земји од Европската унија.
За да се реши проблемот, доволно е да се ажурира софтверот, изјави Баро во интервју за Le Parisien, објавено во вторник, истакнувајќи дека „Apple“ има рок од две седмици.
И другите европски регулатори внимателно ја следат француската процедура, па холандскиот регулатор во средата објави дека го проверува проблемот со можното прекумерно зрачење на iPhone 12.
Германскиот регулатор нагласи дека процедурата на Франција може да послужи како модел за цела Европа, а белгискиот државен секретар за дигитализација најави анализа на можните здравствени ризици поврзани со мобилниот телефон на „Apple“. Италијанското Министерство за индустрија најави дека ја следи ситуацијата, но засега нема намера да презема мерки, а ситуацијата ја следи и Португалија.