дома Економија ВИДЕО| ХЕЦ Чебрен – спас за македонскиот електроенергетски систем

ВИДЕО| ХЕЦ Чебрен – спас за македонскиот електроенергетски систем

67

По објавената одлука на Владата дека на 14-от јавен повик за изградба на хидроцентралата Чебрен избрана е грчката компанија ППЦ Архиродон, веќе се даваат оценките дека овој проект ќе биде од историско значење за македонскиот електроенергетски систем. Се работи за договор за концесија по принципот на јавно-приватно партнерство во кое државата, односно државното претпријатие ЕСМ ќе има удел од 33 отсто.

Хидроцентралата Чебрен на Црна Река е проект уште од далечната 1966 година. Државата во последните 20 години спроведе 13 неуспешни тендери за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште.

ЕСМ објави видео од локацијата по течението на Црна Река каде што ќе настане најголемото вештачко езеро во земјата.

„Хидроцентралата Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата и нејзините чинители задолжени за спроведување на овој голем проект во дело. АД ЕСМ и управниот одбор на компанијата се горди што во нивен мандат се прави еден сериозен и издржан чекор во правец на реализација на Чебрен. Државата и АД ЕСМ имаат стручна и секаква друга подготвеност за овој исклучителен инфраструктурен објект да почне да се гради“, објави ЕСМ.

ц

Проектот ќе чини една милијарда евра за изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. Хидроцентралата ќе произведува електрична енергија, но ќе има и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.

Планирано е градбата да трае седум години.

„Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на Северна Македонија и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.

Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, треба да се каже дека Чебрен ќе ни овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен, и базната енергија постепено да ја супституираме со производството од оваа голема хидроелектрана“, објави ЕСМ.

Во 2026 година треба да престане со работа ТЕЦ „Битола 1“ со јаглен. Од адаптацијата овој блок од термоцентралата да работи на гас засега нема ништо. До 2030 година сите блокови на РЕК Битола ќе мора да престанат со работа на јаглен, согласно обврските што Македонија ги презеде кон ЕУ.

„Се проценува дека работењето на ХЕЦ Чебрен годишно ќе генерира 1044 GWh, за што, ако се генерира од фосилни горива, ќе бидат потребни 380.000 тони јаглен. Со оглед на тоа дека согорувањето на еден тон јаглен произведува 1,8 тони јаглерод диоксид, генерирањето на 1044 GWh со проектот ќе заштеди 680.000 тони јаглерод диоксид годишно“, се наведува во физибилити студијата за влијанието на ХЕЦ Чебрен врз човековата средина.

Еве што се вели во студијата во однос на поимот реверзибилна централа, режимот на пумпање и враќање на водата назад на поголема висина.

„Пумпно- акумулационите хидроцентрали вклучуваат изградба на две структури за задржување на вода за да се создаде горен и долен резервоар. Водата се испумпува од долниот до горниот резервоар за време на ниската побарувачка на електрична енергија. Водата од горниот резервоар потоа се ослободува за време на зголемена побарувачка. Овој циклус на пумпање и создавање на електрична енергија обезбедува предност на максимизирање на водниот ресурс за производство на електрична енергија, особено при често зголемување на побарувачката. Влијанијата поврзани со овој тип на електрична централа се слични на оние кај акумулационите и резервните капацитети“, пишува во студијата.

Ова значи решавање на еден од најсериозните проблеми за обновливите извори на енергија, а тоа е порамнување на вишоците на струја, особено за време на ноќните часови кога побарувачката е мала.

За надминување на овој проблем, веќе се зборува за т.н. литиумски банки на енергија во кои ќе се „складира“ вишокот на произведена струја. Во случајот со реверзибилната централа, водата се враќа во повисоката акумулација со помош на вишокот на струја, па потенцијалот на водата останува.



ПредходнаНеделковски, производител од Македонија, меѓу наградените со „Slow Cheese“ во Бра
СледнаБислимовски: Проектот Чебрен и гасна електрана за баланс во системот за струја