дома Македонија Над 50 производи од 25 категории на владината листа за поевтинување, ќе...

Над 50 производи од 25 категории на владината листа за поевтинување, ќе носат ознака „гарантирана цена“

58

Над 50 производи од пекарската, месната, млечната, кондиторската индустрија… од 25 категории ќе бидат опфатени со одлуката што треба да ја донесе утре Владата, а со која овие производи ќе поевтинат за 10 проценти. Референтна цена за намалувањето на цените за 10 проценти е 1 август, а одлуката ќе биде во сила до крајот на ноември годинава. Производите опфатени со одлуката во маркетите ќе бидат означени со гарантирана цена.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека листата со производи за кои ќе има замрзнување на цените е веќе завршена и ќе биде доставена утре на седница на Владата. Ќе има обврски и за трговците на мало и за трговците на големо, како и за домашните производители.

„Многу повеќе од 50 производи се, но околу 25 се категории на производи, што значи дека има овошје – има лепеза од видови овошје, има зеленчук – има лепеза од видови зеленчук. За одредени сектори може да важи линеарно за некои производи од различни производители и увозници. Како бројка се многу повеќе од 50-ина производи кои од среда треба да бидат со намалена цена“, рече денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

На листата се речиси сите прехранбени производи, од пекарската, млечната, месната индустрија, а има, нагласи министерот, и вид на наполитанки кои се продаваат во државава.

Генерално листата е преземена од Државниот завод за статистика согласно со нивните методологии за утврдување на инфлацијата и на производите се трошат повеќе.

„Утре ќе имате прилика, навистина се зборува за голем број производи од прехранбената индустрија. Верувам стотици“, рече Бектеши, на новинарско прашање.

Цената од 1 август, што е избрана за референтна за намалувањето, посочи Бектеши, не значи дека ќе биде таа конкретна цена. Треба да биде минимум 10 проценти намалена, што значи ќе има намалување од цените во август и за повеќето од производите би се вратиле цените од 1 јули. Има лепеза на производи кои утре ќе ги видите точно, а кои ќе бидат дополнително намаление на цените што беа на крајот на јуни или почетокот на јули“, појасни Бектеши.

Тој на прес-конференција најави дека со стопанските комори и сите чинители во секторт трговија се договориле во маркетите да бидат означени цените на производите што ќе бидат опфатени со владината одлука. За таа цел, Министерството за економија, согласно со Законот за трговија, ќе ја дополни одлуката во делот на вршење на трговијата и со обележување на сите производи кои утре најверојатно ќе бидат наведени на седница на Владата со намалување на цената, која ќе биде минус 10 проценти од изложените цени на 1 август во синџирите на маркетите.

Секој потрошувач кога ќе оди во супермаркет ќе има можност да види ознака со која ќе биде наведена „гарантирана цена“ и ќе се знае дека со цените што ќе бидат означени со оваа ознака нема да може да има нагорно зголемување до 30 ноември.

Освен од прехранбената индустрија, до Министерството за економија до среда може да се пријават доброволно и другите чинители од секторот за трговија што би сакале да бидат опфатени со одлуката за намалување на цените а со тоа и нивно означување во маркетите со гарантираната цена.

„Тоа може да го направат субјектите и од другите сектори заради тоа што има интерес од одредени компании во ова кризно време да станат поопштествено одговрони и да излезат во пресрет на граѓаните. Одлуката во делот на храната е задолжителна, но може да има компании во секторот Трговија од други делови, како што се хигиенските производи, пијалоците и слично што сакаат пред нивните потрошувачи да покажат дека и тие ги намалуават цените и тие да не бидат дискриминирани само во одреден сектор да има ознака гарантирана цена. Тие може да се пријават и со намалување на цените да ја користат ознаката гарантирана цена“, појасни Бектеши.

Тој тврди дека со одлуката за забрана за акции што е веќе во сила ќе се спречи евентуална злоупотреба на ознаката за гарантирана цена, односно подметнување производи од магацините од кои трговците сакаат да се ослободат.

„Тоа не може да се случи заради тоа што има паралелна одлука во делот на забрана на акции, утре ќе има мала корекција на таа одлука бидејќи тоа го најавивме претходната недела. Цените кои ќе бидат со ознаката гарантирана цена ќе бидат целосно контролирани од страна на Државниот пазараен инсекторат. Ако некој се обиде да ја стави ознаката гарантирана цена, ако меѓувреме не пријавил дека прави намалување не заради истек на рокот или слично, или пак не е наведена во одлуката за намалување на цените, се знае што следува согласно со Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачи и Законот за Државен пазарен инспекторат“, рече Бектеши.

МИА

– Реклама –

ПредходнаSpringfield Kids – нов и ултра сладок член на Fashion Group семејството!
СледнаСакаме Русија да ја извлечеме од нејзината комфорна зона