дома Македонија Османи демантира дека се сретнал со Груевски во Будимпешта

Османи демантира дека се сретнал со Груевски во Будимпешта

63

По прозивката од поранешниот член на „огнените“, а сега лидер на новоформираната партија – Демократско движење, Изет Меџити, министерот за надворешни работи Бујар Османи демантира дека се сретнал со Никола Груевски во Будимпешта.

Меџити вчера преку Фејсбук упати јавно прашање до Османи дали бил во службена или приватна посетата во Будимпешта кога се сретна со Груевски.

Османи на Фејсбук одговори: „Еднаш рекоа дека се сретнал со Али Ахмети, па рекоа – не, се сретнал со Артан Груби, сега јас сум се сретнал со него! Можеби од четврти пат ќе погодат!“.

Пред десет дена Меџити преку Фесјбук јавно праша дали е точно дека на експремиерот Груевски ќе му биде вратен пасошот.

И поранешниот премиер и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев, ги демантираше наводите дека имал тајни средби со Груевски во врска со измените на Кривичниот законик.

Изјавата на Заев за ТВ 24 следуваше откако претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во интервју за ТВ 21 рече дека изминативе неколку години имало неколку тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба.

„Не е точно дека сум имал тајни средби со Ахмети и Груевски и сум договарал измена на Кривичниот законик. Изјавата на Ахмети не е вистина“, вели Заев во изјавата за ТВ 24.

И поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, преку постови на социјалната мрежа ги демантираше наводните средби.

Според Груевски, за измените на членот 353 со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба, немало никакви тајни средби на кои тој учествувал.

Тој додава дека сите наводи за негови наводни комуникации и средби или, пак, влијанија на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се онолку неточни колку и, како што вели, наводите дека во изминатиот период имал средби со претставници на власта во врска со одредени прашања.

„За средбите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прекинало ‘пред 3-4 години’, како што наведе Али Ахмети во неговото интервју, не можам да се произнесам бидејќи во тој период јас не сум во Македонија, по моето заминување од Македонија новото раководатво целосно ме екскомуницираше и немам никаков контакт или информација за нивните активности и одлуки, освен од медиумите“, пишува Груевски на Фејсбук.

Прозивките за тоа кој се сретнал со Груевски се засилија вчера по интервјуто на Ахмети за „360 Степени“, кој на прашањето во врска со измените на Кривичениот законик и што доколку Груевски не помогне за двотретинското мнозинство за уставните измени, одговори дека поранешниот премиер нема никаква врска со Кривичниот.

„Не мислам дека мотивот бил некој да се рехабилитира. Главна причина е да се приближиме до стандардите на ЕУ. Овој закон што го сменивме припаѓа на законите на поранешна Југославија“, рече Ахмети.

Извор: МИА

– Реклама –

ПредходнаПроценетата инфлација во еврозоната во август се спуштила на 5,2 отсто
СледнаСо новите измени на КЗ ќе настапи застареност во 14 судски постапки и се намалува казната за тие што се огрешиле