Софистицираните возила за чистење надворешни површини од брендот „грин машинс“, кои се произведуваат во фабриката на „Брако“ во Велес беа изложени на Саемот за управување со ресурси и со отпад, кој се одржа во Бирмингем во Велика Британија (Resource & Waste Мanagement Еxpo – RWME).
– „Брако“ и „грин машинс“ се традиционално дел од оваа светски позната манифестација. Оваа година ги претставивме електричните модели 400 ZE и 500 ZE, како и унапредениот дизел модел 636 stage V. Закажавме презентации во повеќе британски општини, така што до крајот на годинава многу потенцијални корисници ќе имаат можност за директно запознавање со можностите и бенефитите од употребата на возилата од брендот „грин машинс“. Особен интерес привлече електричниот модел 400 ZE, кој се издвојува со иновативниот систем за рециркулација на воздухот – посочува Благој Шалев, извршен директор на „Брако“, кој присуствуваше на саемот.
Посетителите на саемот беа информирани дека „грин машинс“ не само што продава возила, туку нуди и нивно сервисирање и комплетно одржување преку повеќегодишни сервисни договори.
Шалев ги сподели и импресиите од средбите со претставници на локални власти и компании кои веќе се корисници на возилата на „Брако“.
– Имавме и одличен фидбек од општини и компании кои веќе ги користат нашите модели пришто ги истакнаа и придобивките од досегашното користење на моделите 500 ZE и 636 stage V, кои се сертифицирани за меѓународен квалитет од меѓународното сертификационо тело TUV, со седиште во Германија. Велат дека возилата се ефикасни, ефективни и се токму она што им е потребно за нивните јавни површини да бидат кристално чисти, а притоа животната средина не се загадува со издувни гасови – додава тој.
На годинешното издание на саемот во Бирмингем „грин машинс“, заедно со уште други 500 изложувачи презентираа високотехнолошки решенија, споделувајќи искуства и знаења за позитивните промени во животната средина.
Саемот е еден од врвните европски настани посветени на животната средина и на еколошките услуги како платформа за забрзување на промените кон поодржливо општество.