дома Македонија Европската ЕКРИ загрижена од „антибугарскиот говор на омраза“ и етикетирањето на сите...

Европската ЕКРИ загрижена од „антибугарскиот говор на омраза“ и етикетирањето на сите Бугари како фашисти и навредите за Бугарките

62

Случаите на говор на омраза во земјава најчесто се однесуваат на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците, но цел на говор на омраза, особено на интернет и на социјалните мрежи, се и припадниците ЛГБТИ заедницата и други етнички групи, како што се Ромите или Бугарите – оценува Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ) во шестиот извештај (кој се однесува на период од усвојувањето на петтиот извештај за земјава на 18 март 2016 година до 30 март 2023 година) објавен денеска, кој првенствено се фокусира на ефикасната рамноправност и остварување на правата, појавите на говор на омраза и насилството мотивирано од омраза, како и на интеграцијата и инклузивноста.

Од 2016 година земјава постигнала напредок и развила добри практики на повеќе полиња во справувањето со расизмот и нетолеранцијата, но сепак некои прашања и натаму се причина за загриженост, особено во однос на дискриминацита на припадниците на ЛГБТИ заедницата и на Ромите, се заклучува во извештајот.

Сепак, во извештајот се посветува доста внимание и на „антибугарскиот говор на омраза“. Како што пренесува МИА, во извештајот е наведено дека претставници на етничките Бугари во земјава со кои разговарала Комисијата се пожалиле дека типичен стереотип што се користи е „етикетирањето на сите Бугари како фашисти“, а друга „широко распространета навреда е насочена кон Бугарките, прикажувајќи ги како евтини проститутки“.

Комисијата посочува и дека „во неколку наврати имало насилство врз лица и организации на граѓани на Северна Македонија кои се самоидентификуваат како Бугари“, како и дека има „дерегистрација/распуштање на некои постоечки бугарски културни здруженија“.

Во извештајот, кој содржи и препораки во однос на нотираните проблеми, ЕКРИ препорачува, меѓу другото, властите да ја продолжат и да ја интензивираат помошта за зајакнување на капацитетите во полицијата и обвинителството во однос на истрагите за насилството од омраза и извештаите од тие истраги да бидат доставувани на судството.

Комисијата, исто така, препорачува властите да продолжат со, како што велат, силниот јавен став на осуда на сите форми на насилство врз лицата кои се самоидентификуваат како етнички Бугари или врз нивните организации.

„Исто така, во согласност со судската практика на Европскиот суд за човекови права, властите треба да се воздржат од дерегистрација или распуштање на здруженија на лица кои се самоидентификуваат како Бугари во Северна Македонија, доколку тие не поттикнуваат и промовираат ширење или оправдување насилство, омраза или дискриминација“, стои, исто така, меѓу препораките.

Доколку е потребно, додаваат од ЕКРИ, владата/институциите треба да побараат експертско мислење од Советот на Европа за ревидираниот Закон за здруженија и фондации и соодветно да се разгледаат соодветните одредби.

Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ) е основана од Советот на Европа како независно тело за следење на почитувањето на човековите права, првенствено за прашања поврзани со борба против расизмот, дискриминацијата по основа на расно, етничко или национално потекло, боја на кожата, државјанство, религија, јазик, сексуална ориентација или родов идентитет, како и против ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранција.

Комисијата, како што се наведува, е составена од независни и непристрасни членови назначени врз основа на нивниот морален авторитет и призната експертиза во справувањето со расизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата.

Целиот текст прочитајте го ТУКА

Извор: МИА

– Реклама –

ПредходнаСКСЗМ е против владиното намалување на цените на производите за 10 отсто
СледнаЗадолжително носење маски во здравствените установи, препорачува Комисијата за заразни болести