дома Македонија Ескобар: Неопходно е да донесеме уште една државничка одлука со што ќе...

Ескобар: Неопходно е да донесеме уште една државничка одлука со што ќе ги осигураме евроинтеграциите

64

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во рамките на работна посета на Њујорк, се сретнал со заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот на премиерот Ковачевски со високиот претставник на САД, Ескобар, е разговарано за актуелни прашања од значење за стратешкото партнерство помеѓу земјава и САД и за состојбите во регионален и геополитички контекст.

На средбата е истакнато значењето на големото и искрено пријателство помеѓу двете земји, од независноста на нашата држава до денес. Тоа, како што е констатирано, е одразено со активна соработка преточена во стратешкото партнерство меѓу двете држави и со потврдени резултати на планот на демократските, економските и стратешките интеграциски процеси на нашата држава.

САД, како што е потенцирано, високо го ценат учеството на земјава во мировните мисии, одговорното партнерство во НАТО и придонесот на земјава во стабилноста на Западен Балкан и со тоа и на Европа.

„Од овие причини, во Северна Македонија се гледа доверлив партнер на САД. И, во таа насока е споделено е очекувањето дека сите политички субјекти во земјава ја имаат предвид историската и неповторлива шанса за ефикасен процес на зачленување во Европската Унија, по полноправното членство во НАТО. Нашиот европски пат, како што беше нагласено на средбата, е силно поддржан од САД“, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за огромната и континуирана тридецениска поддршка од САД, во остварувањето на сите клучни и стратешки цели на државава, како и за личните заложби на високиот американски претставник, Ескобар, во овој важен период кога треба да се осигура европската иднина на државата.

„Поддршката од САД е од голема важност за унапредувањето на квалитетот на живот на македонските граѓани, за просперитетот и стабилноста на Северна Македонија, како и на целиот регион. Неопходно е во претстојниот период да донесеме уште една државничка одлука со што ќе ги осигураме евроинтеграциите – и Владата и јас лично сме силно посветени на оваа цел“, нагласил Ковачевски.

На средбата било разговарано и околу имплементацијата на реформите во нашата држава, со фокус и кон владеењето на правото и борбата со криминал и корупција. При тоа била нагласена важноста на поддршката што ја добива земјава од САД и во овие значајни процеси за граѓаните и за европските интеграции.

– Реклама –

ПредходнаОдложено рочиштето од судскиот процес за случајот Пендиков, администрацијата штрајкува
СледнаБелгија, која претходно се противеше, сега предлага забрана за продажба на руски дијаманти во земјите од Г7