дома Македонија Пописот овозможува слободно да ја изразите вашата етничка, јазична и религиска припадност

Пописот овозможува слободно да ја изразите вашата етничка, јазична и религиска припадност

125

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во видео обраќање до Македонците кои живеат во Албанија, им порача дека овој попис им овозможува слободно да ја изразат нивната етничка, јазична, и религиска припадност.

Во продолжение целосното обраќање на Османи:

„Во врска со претстојниот попис на населението во Република Албанија би сакал да се обратам до вас Македонците кои живеат во Албанија.

Како што ви е веќе познато, од 18 септември и следните шест недели, ќе се спроведува попис на населението, како најзначајна статистичка операција во земјата.

Ви се обраќам затоа што сакам да бидете уверени дека овој попис овозможува слободно да ја изразите вашата етничка, и јазична, и религиска припадност.

Со оваа демократска придобивка, Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, нешто што исто како и кај нас, претставува непроценливо автентично културно наследство.

Драги Македонци, препознавајќи ја вашата улога како лојални граѓани на Албанија, ве охрабрувам на претстојниот попис слободно да се изразите и да ја потврдите вашата етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност, која претставува основно природно право на секој поединец, и со генерации наназад опстојува на овие простори.

Деновиве сме свесни на различни пропаганди коишто апелираат на вашата одлука, не водејќи сметка за вашите чувства. Не треба ништо од тоа да ве загрижува. Албанија е слободна земја каде секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет, без да се грижи за било какви последици од тоа.

Со тоа вие и дополнително ќе ја потврдите вашата незаменлива улога, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави.

Северна Македонија и Албанија се повеќе од соседи, земји со исклучително пријателски односи, и ние ќе останеме во интензивна комуникација со вас исто, како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашања коишто ве засегаат вас Македонците.

Продолжуваме активно да се ангажираме за заштита и промовирање на овие права, на ист начин како што тоа го правевме и до сега“, порача Османи.

МИА

– Реклама –

ПредходнаБрако ги помогна инвестициите во Велес со милион денари наменети за проектирање
СледнаПендаровски тврди дека со измените на Кривичниот законик Груевски нема да се врати во Македонија