дома Македонија Членството во ЕУ ќе го заштити животниот стандард на граѓаните и во...

Членството во ЕУ ќе го заштити животниот стандард на граѓаните и во услови на кризи и конфликти

70

„Оваа недела Обединетите нации беа политичкото средиште на светот, а една од главните теми што доминираше во дебатите несомнено беше руската агресија врз Украина, која покажа како разорната сила од војната лесно се прелеа во економијата на секоја држава во светот, при што ниту една не беше поштедена.

Но штетите беа помали кај оние кои во својата економска структура имаа развиено одбранбен механизам на надворешни шокови, независно од тоа дали тие се предизвикани од економски, еколошки или геополитички потреси“, изјави во Њујорк вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој учествува на годинешното 78. Генерално собрание на ОН и самитот за одржлив развој, пренесува владината прес-служба.

Битиќи, во изјавата, посочува дека тој заштитен механизам се вика отпорност на економијата, а до таа отпорност, вели, нашата македонска економија најбрзо може да дојде само преку забрзување на евроинтеграциските процеси и полноправно членство во Европската Унија.

„Членството во ЕУ најнапред ќе ни овозможи пристап до најголемиот единствен пазар во светот од 500 милиони потрошувачи, што ќе обезбеди разновидна база на потрошувачи на наши производи и услуги. Раширената мрежа од трговски договори, намалените трговски бариери ќе помогне да се надоместат загубите од евентуални идни шокови. Регулаторната хармонизација, конзистентните стандарди и практики во различни индустрии, може да биде уште еден извор на отпорноста на нашата економија“, порачува Битиќи.

Горенаведените придобивки, додава тој, се само дел од економските придобивки кои земјава може да ги добие, а со кои, како што вели, „ќе ја зајакне сопствената способност да се движи низ глобалниот економски пејзаж кој брзо се менува, и да го заштити животниот стандард на нашите граѓани и во услови на кризи и конфликти, за кои деновиве се зборуваше во Обединетите нации“.

– Реклама –

ПредходнаПриливот на мигранти не е вонредна состојба во Европа, Макрон и другите лидери да ги отворат пристаништата за луѓето што бегаат од тешкотии и сиромаштија
СледнаАхмети и Џафери да ја кажат вистината за содржината на УСБ-то и пликото што им било дадено