дома Свет Вјоса Османи ја прекина посетата на САД по убиството на полицаец во...

Вјоса Османи ја прекина посетата на САД по убиството на полицаец во северно Косово

63

Косовската претседателка, Вјоса Османи изјави дека денешниот напад врз косовската полиција во северно Косово, во кој е припадник на полицијата е убиен, а уште еден е ранет, е „испланиран, оркестриран и изведен од српските криминални банди“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кабинетот на Османи соопшти дека, по инцидентот што се случи рано утрово во селото Бањско во Лепосавиќ, таа ги прекинала сите активности во Њујорк, каде што престојува во официјална посета, и веднаш ќе се врати во земјата.

– Убиството на полицаец и ранувањето на друг полицаец на северот на Косово, планирано, оркестрирано и изведено од српските криминални банди, е напад врз законот и редот на северот на земјата, тоа е напад врз Косово, се цитира Османи во соопштението.

Таа вели дека овие напади ја докажуваат дестабилизирачката моќ на криминалните банди, организирани од Србија.

– Овие напади уште еднаш ја докажуваат дестабилизирачката моќ на криминалните банди, организирани од Србија, кои долго време, како што се покажа и со нападите врз членовите на КФОР, новинарите и граѓаните го дестабилизираат Косово и регионот, вели Османи.

Според неа, „нападите врз силите на редот на Република Косово се напади против суверенитетот на Република Косово“.

Таа изјави дека очекува сојузниците да ја осудат „отворената агресија на Србија кон Косово“ и „да го поддржат Косово во неговите напори да воспостави ред и ред и да го зачува суверенитетот во секој дел на Републиката“.

Претседателката изрази сочувство до семејството на убиениот полицаец и порача дека сторителите нема да можат да и избегаат на правдата.

– Изразуваме длабоко сочувство до семејството на убиениот полицаец и ги уверуваме дека извршителите на овие терористички акти нема да можат да и избегаат на правдата. Ги повикувам сите граѓани, институции и политички субјекти да останат обединети во ова време кога отворено се оспоруваат територијалниот интегритет, безбедност и суверенитет на нашата Република. Како претседател на Републиката имам целосна доверба во нашите момчиња и девојки од косовската полиција, порача Османи.

Косовскиот премиер Албин Курти, кој преку неговиот Фејсбук ја објави веста за убиството и ранувањето на полицајците, исто така го посочи официјален Белград како одговорен за нападот извршен од, како што рече, професионалци кои биле маскирани и употребиле тешко оружје.

– Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград ја напаѓа нашата држава. Во оваа битка го штитиме и спроведуваме законот, ги штитиме и чуваме сите граѓани без разлика и независно Косово. Извршителите и нивните наредбодавачи нема да успеат, ќе бидат фатени, судени и казнети. Владата на Република Косово и државните институции се подготвени и координирани да одговорат на криминалот и криминалците, теророт и терористите, напиша Курти.

МИА

– Реклама –

ПредходнаКурти веднаш побрза да ги обвини Србите за настаните во Бањска на Косово
СледнаВладата секојдневно да ја информира ЕУ и најостро да реагира за грубото мешање на Бугарија во пописот во Албанија, бара Демократски сојуз