На повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа во понеделникот, продолжувајќи го негативниот тренд од минатата седмица, бидејќи сѐ појасно е дека каматните стапки во западните земји ќе останат зголемени подолго време отколку што се претпоставуваше.
Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион беше намален за 0,5 отсто, лизгајќи не далеку од најниското ниво во последните десет месеци. Во Токио индексот Nikkei порасна за 0,9 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,2 и 1,2 отсто.
Од регионот нема вести кои утрово би ги стимулирале пазарите. Во последните седмици кинеските берзи значително растеа повремено, благодарение на новите мерки за стимулирање на економијата. Но, главно се работи за регулаторни концесии насочени кон стабилизирање на пазарот на недвижности и стимулирање на пазарот на капитал, а не за посилни мерки за стимулирање на реалната економија.
Затоа, инвеститорите стравуваат дека ќе продолжи забавувањето на растот на втората по големина светска економија. Утринава агенцијата S&P ја намали проценката за растот на кинеската економија оваа година од 5,2 на 4,8 отсто, бидејќи, како што објасни, фискалното и монетарното олеснување и натаму е ограничено.
Пазарите се, исто така, под притисок поради неодамнешните пораки од американската централна банка. Додуша, челниците на банката не ги зголемија дополнително каматните стапки на минатонеделната седница, но порачаа дека до крајот на годината би можеле да ги зголемат уште еднаш и да ги задржат на покачени нивоа подолго време од очекуваното.
Таквото сценарио е најверојатно и за другите централни банки на западните земји, бидејќи инфлацијата не се намалува толку брзо како што се надеваа инвеститорите. А тоа значи дека економскиот раст дополнително ќе забави.
„Пазарите се водени оваа година од сознанието дека скокот на инфлацијата не е само привремен, туку дека ограничувањето на инфлацијата ќе бара построга монетарна политика подолго време од очекуваното“, вели Ендрју Лили, стратег во „Barrenjoey“.