дома Магазин Депардје продава дел од својата уметничка колекција на наддавање

Депардје продава дел од својата уметничка колекција на наддавање

66

Жерар Депардје продава дел од својата уметничка колекција, па околу 250 дела во сопственост на француската филмска ѕвезда ќе бидат понудени на наддавање во Париз во вторник и среда.

Се очекува на аукцијата да бидат понудени скулптури од Огист Роден, уметникот портретиран од Депардје во филмот со актерката Изабел Аџани, слики и цртежи на Пабло Пикасо, Жорж Браке, Фернандо Леже и Александер Калдер.

Едно од клучните парчиња на аукцијата е бронзената скулптура на скулпторот Жермен Ришие, чија вредност се проценува на 800.000 евра.

Аукциската куќа Drouot очекува вкупен приход од три до пет милиони евра.

Депардје глумеше во околу двесте филмови. Неодамна, 74-годишникот се најде на насловните страници поради тврдења за наводна сексуална злоупотреба од страна на неколку жени.

Наводите беа изнесени од актерки, шминкери и продукциски персонал, од кои некои зборуваа анонимно, а наводното малтретирање се случило за време на снимањето на 11 филмови во периодот меѓу 2004 и 2022 година.

Ниту една од 13-те жени не презеде правна постапка против Депардје. Сепак, формална истрага беше започната во 2020 година по тужбата поднесена од Шарлот Арно и сè уште е во тек. Правниот застапник на Депардје, Кабинетот Темиме, ги отфрли сите обвинувања.



ПредходнаУтре се носи одлука за намалување на цените на алкохолните и безалкохолните пијалоци
СледнаВо едно од возилата од вчерашниот напад во северно Косово најдени документи на потпретседателот на Српска листа, Радојичиќ