дома Популарно Меѓународната заедница интервенирала за да ги извлече вооружените луѓе од Бањска? „Ако...

Меѓународната заедница интервенирала за да ги извлече вооружените луѓе од Бањска? „Ако имаше 30 мртви Срби, 30 години немаше да има преговори“

79

Претседателката на Европското движење на Србите од Косово, Рада Трајковиќ, денеска изјави дека 30 лица упаднале во манастирот Бањска и на тој начин се обиделе да ја компромитираат СПЦ, која, „ништо не била прашана“, и дека меѓународната заедница посредувала за да ги извлече овие луѓе кон централна Србија, за да нема поголеми човечки загуби, јави дописникот на МИА од Белград.

Трајковиќ за ТВ Нова С изјави дека „сите зборуваат и сите ги знаат информациите дека во манастирот имало 30 луѓе“, но дека не знае „зошто не се известува за тоа“.

„Сè е затворено и приспособено на политиката на луѓето на власт во Белград и Приштина, а вистината е некаде кај меѓународната заедница која молчи и работи на нешто што е интерен и моментален обид да се избегнат големи жртви“, изјави Трајковиќ.

Таа посочи дека е убиен косовски полицаец, човек од институција и дека тоа е за осуда, како и дека се убиени „три лица од другата страна за кои се претпоставува дека се Срби, а постојат информации дека има повеќе убиени“.

„Се зборува, барем она што јас го дознавам од албански извори и разговарајќи со пријателите Албанци, дека косовската полиција имала капацитет да се справи со ситуацијата и дека ќе имало многу повеќе жртви, но меѓународната заедница одиграла улога. Како е можно тој број на луѓе кои се спротивставија на косовската полиција да се нашле таму е голема енигма, чиј одговор ќе треба да даде најкомпетентната истрага, која нема да ја водат само косовските Албанци, туку и меѓународните институции“, рече Трајковиќ.

Таа оцени дека ЕУЛЕКС е на самото место благодарение на меѓународната заедница која „вчера одиграла историска улога“.

„Тоа се гледа во тоа што специјалците од Приштина имаа можност да убијат 30 луѓе. Што ќе беше тоа, каков ќе беше епилогот после тоа. Мислам дека претседателот на Србија цел ден беше во преговори и дека меѓународната заедница работеше на проектот извлекување на тие луѓе кон централна Србија во смисла да им се спасат животите. Имам сознанија дека имало дискусија и дека некој морал да ги преземе тие луѓе и одговорноста за нив во смисла дека заедно ќе се работи да се утврдат причините, мотивите и се што се случи“, рече Трајковиќ и додаде дека е многу тешко што целата вина суштински е префрлена на Србите од Косово.

Таа истакна дека младиот човек чиј идентитет е откриен – Спалевиќ, има 23 години и праша „кој е виновен што тоа дете прераснало во некој што дошол вооружен со оружје да учествува во вакви акции и зошто овие деца денес пристигнувале во ковчези кај нивните родители “.

„Тоа се прашања на кои Србија мора да одговори. Зошто претседателот Вучиќ нон-стоп го нагласува и зајакнува авторитетот на човек кој е на црната листа, мислам на Милан Радоичиќ, дека тој е оној што ги брани и ослободува Србите. Голема е опасност од одмазда кон српските енклави“, рече Трајковиќ и додаде дека наместо да ги поправа претходните инциденти, Курти само повторно и повторно ги иритира Србите.

Таа потенцира дека „ако имаше 30 мртви Срби, 30 години немаше да има преговори“.

МИА

– Реклама –

ПредходнаВицепремиерот Битиќи во посета на Вашингтон, ќе оствари средби со директори на ММФ, Светска банка
СледнаКомандири и затвореници меѓусебно се поткупувале и си должеле пари?