дома Економија Азиските берзи во пад втор ден со ред, доларот зајакна, цените на...

Азиските берзи во пад втор ден со ред, доларот зајакна, цените на нафтата паднаа

54

На азиските берзи цените на акциите паднаа во вторникот, втор ден по ред, бидејќи се очекува дополнително забавување на економскиот раст, со оглед на тоа што каматните стапки во западните земји ќе останат покачени подолг период.

Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион беше намален за 0,3 отсто околу 7 часот утрово, недалеку од најниското ниво во последните 10 месеци. На токиската берза индексот Nikkei падна за речиси 1 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Хонгконг и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,3 и 1,2 отсто.

Инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции, бидејќи економскиот раст е забавен а се очекува дополнително забавување, имајќи предвид дека централните банки на западните земји најверојатно ќе ги задржат каматните стапки на покачените нивоа подолго од очекуваното поради високата инфлација.

Ова е причината зошто инвеститорите не беа охрабрени од вчерашниот раст на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,1 отсто, S&P 500 за околу 0,4, а Nasdaq индексот за 0,45 отсто.

Растот на индексите главно се должи на растот на цените на акциите во енергетскиот сектор, во просек за 1,3 отсто, а во рударскиот сектор за 0,8 отсто, како резултат на порастот на цените на суровините. Но, тргувањето беше претпазливо бидејќи приносите на американските државни обврзници достигнаа нови навјисоки нивоа во 16 години. Инвеститорите, исто така, се претпазливи бидејќи оваа седмица ќе бидат објавени неколку важни извештаи, вклучително и за инфлацијата, производството и бруто домашниот производ (БДП) во САД.

А на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути достигна највисоко ниво од ноември минатата година. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 106,10 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 105,57 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 148,50 на 148,75 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0575 долари, најниско ниво во последните шест месеци, додека вчера во овој период од тргувањето беше 1,0650 долари.

Цените на нафтата, од друга страна, паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се лизна за 0,45 отсто, на 92,85 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,40 отсто, на 89,30 долари.



ПредходнаРаст на Волстрит на почетокот од седмицата
СледнаПад на европските берзи втор ден со ред