Цените на акциите паднаа на европските берзи во вторникот претпладнето, бидејќи инвеститорите не се наклонети кон поризични инвестиции, имајќи предвид дека централните банки би можеле да ги задржат каматните стапки на зголемените нивоа подолго отколку што се очекуваше.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,5 отсто во 9,30 часот, слабеејќи втор ден со ред. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,29 отсто, на 7.600 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,56 отсто, на 15.318 поени, а парискиот CAC 0,78 отсто, на 7.068 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, без Јапонија, беше намален за 0,6 отсто околу 9,30 часот, недалеку од најниското ниво во последните 10 месеци. На токиската берза индексот Nikkei падна за 1,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Хонгконг и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,4 и 1,4 отсто.
Инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции, бидејќи економскиот раст е забавен а се очекува дополнително забавување, имајќи предвид дека централните банки на западните земји најверојатно ќе ги задржат каматните стапки на покачените нивоа подолго од очекуваното поради високата инфлација.
Ова е причината зошто инвеститорите не беа охрабрени од вчерашниот раст на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,1 отсто, S&P 500 за околу 0,4, а Nasdaq индексот за 0,45 отсто. Растот на индексите во Њујорк главно се должи на растот на цените на акциите во енергетскиот сектор, во просек за 1,3 отсто, а во рударскиот сектор за 0,8 отсто, како резултат на порастот на цените на суровините.
Но, тргувањето беше претпазливо бидејќи приносите на американското Министерство за финансии достигнаа нови рекордни нивоа во 16 години.
Инвеститорите, исто така, се претпазливи бидејќи оваа недела ќе бидат објавени неколку важни извештаи, вклучително и инфлацијата, производството и бруто домашниот производ (БДП) во САД.