дома Македонија Владата субвенционира, а трговците со овошје и зеленчук продаваат во странство наместо...

Владата субвенционира, а трговците со овошје и зеленчук продаваат во странство наместо на домашниот пазар

68

Македонскиот пазар да не им биде резервен на трговците со овошје и зеленчук во снабдувањето со овие производи, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши, предупредувајќи дека ќе предложи целосно укинување на увозните давачки за земјоделските производи доколку продолжи дополнително да се зголемува извозот, наместо да се пласира на домашниот пазар.

Бектеши при денешната посета на компанијата „Горска“ изјави дека од јули до денеска се забележува многу голем извоз на одредени земјоделски производи и порача дека Владата нема намера да субвенционира производи за други држави.

„Гледајќи ги податоците, и официјални и неофицијални, кои ги добиваме од различни извори, се забележува дека има најголемо зголемување на цените во делот на овошјето и зеленчукот. Тука земјоделците ја завршуваат целосно нивната работа, а за трговците, и тие кои го покриваат нашиот пазар и тие кои извезуваат, имаме една порака – да не го имаат македонскиот пазар како резерва во делот на снабдување со овошје и зеленчук. Ќе следуваат и конкретни мерки. Од јули до денеска се забележува дека има начелно многу голем извоз на одредени земјоделски производи, но тоа треба да биде во корелација со зголемено производство поради тоа што во одредени држави има недостаток на овие производи и наместо да го покриваат македонскиот пазар, количините кои се за него ги извезуваат“, рече Бектеши.

Потсети дека Владата преку интервентниот фонд и со редовните субвенции ги субвенционира земјоделците за да се зголеми производството и да имаме поконкурентни цени, но дека нема намера да субвенцинира производи за други држави.

Намената на субвенционирање производи е за нашата држава и затоа, наведе, не сакаме да се доведеме во ситуација разликата што се прави да бидеме обврзани да ја надополниме со увоз кој согласно со моменталните давачки е 65 проценти за одредени земјоделски производи.

„Затоа апелирам тоа што е предвидено да се пласира на домашниот пазар да се направи. Ако се прави спротивното, како Министерство за економија до Владата нема да предлагаме намалување на одреден процент, туку целосно укинување на увозните давачки за земјоделските производи, зашто наша цел е да го заштитиме животниот стандард на граѓаните. Тоа би го направиле со такви одлуки ако во случај се зголеми извозот на производи што е за пласман на македонскиот пазар“, изјави Бектеши.

Трговците со овошје и зеленчук, оцени Бектеши, заради одредени профити го применуваат најлесното да дојдат до поголеми профити.

„Не сакаме да се доведеме во ситуација да носиме забрани заради тоа што Република Македонија е пример за начинот како се реализираат договорите за слободна трговија што ги имаме и во соседството и на ниво на Европска унија. Во случај ако имаме информација, а веќе доаѓаат информаци дека нашите соседи, а посебно Србија, а во одредени случаи и Косово, прават дампинг цени со цел да бидат поконкурентни на нашиот пазар вклучувајќи тука и одредени производи во делот на безалкохолните и пијалаци, обврзани сме да ги штитиме нашите домашни производители, а така ќе ги заштитиме и нашите потрошувачи“, изјави Бектеши.

Ако треба, како што најави, утре ќе има дополнителна седница на Владата и ќе се носат нови одлуки.

„Затоа, мојата порака е во контектс на тоа заеднички да се справуваме со зголемувањето на цените, а товарот да не биде директно на земјоделците, бидејќи имаат дополнително маржи што ги користат посебно тие што се занимаваат со овошје и зеленчук. За тоа што го наведов во делот на извозот Владата може да носи одлука преку ден, но тогаш и извозот што е заради зголемено производство би се ставил во незгодна ситуација“, изјави Бектеши.

Анализата на Министерството за економија за реализацијата на мерките за намалување и замрзнување на цените на прехранбените производи и нивното влијание, како што соопшти, покажала дека заштедата на домаќинствата без мерките за пијалаците изнесува 2.070 денари.

„Споредено од 1 август цените во малопродажба и тие на 20 септември речиси секое домаќинство во државава има заштеда од 2070 денари од сите производи за кои има замрзната цена. Тука не влегуваат пијалаците, со кои согласно нашите проекции заштедата би достигнала 2400 до 2500 денари“, изјави Бектеши.

Извор: МИА

– Реклама –

ПредходнаПромовирана првата Британска бизнис асоцијација во земјава
Следна„Еуровиа“ на ДУИ доби уште еден тендер од над еден милион евра за канализација во Арачиново, реагира Албанскиот опозициски фронт