дома Свет Од јануари 2024 година „Република Нагорно-Карабах“ престанува да постои

Од јануари 2024 година „Република Нагорно-Карабах“ престанува да постои

66

Самопрогласената република Нагорно-Карабах, која Ерменците ја нарекуваат Арцах, ќе престане да постои на 1 јануари 2024 година, соопшти денеска сепаратистичката влада.

Претседателот на Ерменската Република Нагорно-Карабах, Самвел Шахраманијан, потпиша указ за распуштање на сите државни институции до 1 јануари 2024 година, се вели во соопштението на ерменските власти во Карабах, додавајќи дека од тој ден републиката ќе престане да постои.

Во декретот се истакнува и дека локалното население мора „да се запознае со условите за реинтеграција што ги презентира Република Азербејџан“ и да донесе „независна и индивидуална одлука“ дали ќе остане или ќе го напушти регионот.

За Азербејџан и шефот на државата Илхам Алиев, резултатот е триумфално обновување на суверенитетот над област која е меѓународно признаена како дел од територијата на земјата, но етничкото ерменско мнозинство се избори за независност во војната во 1990-тите, коментираат дел од западните медиуми.

Во исто време, повеќе од половина од ерменските жители на Нагорно-Карабах веќе заминаа во Ерменија. Според последните податоци, 70.500 луѓе од Нагорно-Карабах преминале во земјата – што е повеќе од половина од 120.000 етнички Ерменци. Анализата на ситуацијата покажува дека во наредните денови нема да останат Ерменци во Нагорно Карабах.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, како што пренесува „Гардијан“, ја повика меѓународната заедница да преземе конкретни активности против Азербејџан. „Доколку изјавите не се проследени со соодветни политичко-правни решенија, осудите и укорите стануваат акти на согласност за тоа што се случува, рече тој.

Од друга страна, Азербејџан тврди дека нема никаква врска со одлуката на локалните Ерменци од азербејџанскиот регион Карабах да се преселат во Ерменија или во друга земја, соопшти Министерството за надворешни работи во Баку.

„Подготвени сме да создадеме услови за подобра егзистенција за нив отколку кога беа заложниците на воената хунта поставена од Ерменија. Азербејџан е решен да ги реинтегрира ерменските жители како рамноправни граѓани и Уставот, националното законодавство на Азербејџан и меѓународните обврски што сме ги презеле ќе обезбедат солидна основа за оваа намена“, соопшти азербејџанското МНР.

МИА

– Реклама –

ПредходнаМожно е дел од напаѓачите во Бањска да дошле од Русија, вели Свечља
СледнаГерманските експерти очекуваат благ пад на економијата годинава