дома Македонија Во Куманово загинаа осум македонски полицајци, тогаш никој не држеше проповеди за...

Во Куманово загинаа осум македонски полицајци, тогаш никој не држеше проповеди за државната комеморација во Косово

64

Српскиот претседател Александар Вучиќ, синоќа во гостување на РТС, негираше дека Србија учествувала во вооружениот инцидент во Бањска, но и потенцираше дека вооружената група Срби за него никогаш нема да бидат терористи, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ изјави дека „не знае што таа група сакала“, но рече и дека „веќе година дена има информации дека луѓето на Косово се подготвуваат на отпор“.

„Момците убиени во Бањска за мене како претседател на Србија никогаш нема да бидат терористи. Тоа се семејни луѓе и ќе бараме да ни покажат слики како се случило убиството… Тие поставуваа барикади, а не стапици, поради теророт на Курти. Полицаецот бил ранет со експлозив, по што почнало пукањето. Ова не ја објаснува природата на работата, но ја објаснува информацијата“, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека нема оправдување за убиениот косовски полицаец, но и дека тој немал право да биде на северно Косово.

Говорејќи за Милан Радојичиќ, кој од Косово е означен како лидер на вооружената група, Вучиќ кажа дека тој се наоѓа во Србија и дека ќе одговори на повикот на српските државни органи да одговори дали учествувал во вооружената пресметка.

Српскиот претседател го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека со постојаните провокации, апсења и терор на Косово, е главен виновник за настанатата ситуација.

На прашањето дали Србите на Косово ќе бидат принудени да направат некакво движење за самоодбрана, Вучиќ рече дека „ги моли како Господ“ да се обидат на мирен начин да го добијат она што им припаѓа“.

„Да пробаме сè на мирен начин, последна опција нека биде дека треба да ги заштитиме животите на нашиот народ, но мирот е наш интерес, ги повикувам на него, го барам тоа од нив“, рече Вучиќ.

Во поглед на реакциите на меѓународната јавност за Денот на Жалост во Србија, Вучиќ објасни дека тој се однесува на сите настрадани во пресметката – и за тројцата загинати Срби, но и за убиениот албански полицаец. Тоа, рече, е цивилизирана одлука и го обвини Рама дека излажал кога изјавувал дека денот на жалост се однесува само на загинатите Срби.

Зборувајќи за реакциите во меѓународната заедница и принципиелноста на Приштина и воопшто албанските власти, Вучиќ направи паралела со нападот во Диво Насеље во Македонија во 2015 година.

„Да ги потсетам луѓето, тогаш дојде до голем судир во Куманово меѓу албанските терористи, вистински терористи, кои ја нападнаа суверената и меѓународно призната држава, земја која е членка на Обединетите нации“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека во таа престрелка загинаа дури осум македонски полицајци, а не еден, но на Косово се организираше државна комеморација за загинатите Албанци. Вучиќ покажа фотографија од погребот, каде ковчезите беа покриени со албански знамиња, а лица во униформи на УЧК ги спуштаа ковчезите во земјата. Вучиќ потсети и дека на еден од нив, Бег Ризај, му е подигнат споменик, и дека свеќи му поставивал Рамуш Харадинај (поранешниот премиер на Косово).

„Тогаш ниту Рама, ниту било кој од Европа не држеа проповеди. Толку за нивните принципи, иднината на Европа и сè друго“, рече српскиот претседател за обвинувањата зошто Србија прогласила ден на жалост.

– Реклама –

ПредходнаЦената на бензинот од 95 октани се намалува за два денари
Следна„Стојаноска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сѐ на нејзината партија“