Отсечени свински глави биле оставени на куќните прагови на тројца руски пропагандисти во последните седум дена.
Весникот „Новаја газета“ пишува дека колумнистот на РИА – Тимофеј Сергејцев, фоторепортерот на Тасс – Михаил Терешченко и воениот аналитичар Константин Сивков, пронашле отсечени свински глави на праговите од нивните домови.
Сергејцев пакетот со свинската глава го добил на 26 септември, Сивков на 20 септември, а Терешченко на 19 септември. Наводно, при претресот во куќата на човекот кој го доставил пакетот на Терешченко, биле пронајдени уште четири пакети со свински глави. Меѓутоа, руската полиција не утврдила кој стои зад овие дела.
Руските медиуми јавуваат дека полицијата потврдила дека е отворена истрага.
Тројцата руски пропагандисти и претходно добивале закани.
Сергејцев е познат како автор на книгата „Што треба Русија да направи со Украина“, објавена во април минатата година, во која тој се залага за деукраинизација, дебандеризација и деевропеизација на Украина.
МИА