дома Црна хроника Кривични пријави за мајка и син за убиството и пожарот во станот...

Кривични пријави за мајка и син за убиството и пожарот во станот во Хром

61

Скопската полиција поднесе кривични пријави против две лица, мајка и син, за кои постои сомневање дека се вклучени во убиството што минатата недела се случи во стан во скопски Хром, а за кое полицијата констатира дека постоело обид да биде прикриено откако станот во кој е извршено беше опожарен.

Пријавите за кривичните дела убиство и тешки дела против општата сигурност се поднесени против 39-годишен скопјанец со иницијали А. Д. и жена, И. Ц., на возраст од 58 години.

„На 22.09.2023 во период од 6:40 часот до 9:30 часот, по пријавен пожар во стан на ул. ’Исаија Мажовски’ во Скопје, И. Ј. (35) од Скопје беше пронајден починат, со насилна смрт, како последица на убоди од остар предмет, а од страна на полициски службеници беше констатирано дека пожарот бил намерно предизвикан, со цел прикривање на трагите од извршеното кривично дело“, се вели во сооопштението на МВР.

Од МВР информираат дека по 39-годишникот е распишана центарлна потерница откако тој не бил пронајден во својот дом, а 58-годишничката е уапсена и одреден ѝ е 30-дневен притвор.

Станот во скопската населба Хром беше опожарен на 22 септември, а во него беше пронајдено безживотно тело на 35-годишен скопјанец.

Обдукцијата на телото покажа дека смртта на мажот била насилна и дека тој се здобил со убодни рани кои му претходеле на пожарот, а според првичните наоди на истрагата, пожарот бил подметнат за да се прикријат трагите од убиството кое се случило рано утрината.

„Доказите обезбедени до овој момент даваат основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривично дело убиство на свиреп начин. Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото. По настанот, тој се јавил повеќе пати телефонски кај неговата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со подметнатиот пожар тие предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата“, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.

 



ПредходнаНародната банка ја овозможи алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги“
СледнаНема да гласаме за уставните измени