![Европските берзи пораснаа на почетокот од седмицата Европските берзи пораснаа на почетокот од седмицата](https://provereno.mk/wp-content/uploads/2023/09/evropski-berzi.jpg)
![evropski berzi](https://provereno.mk/wp-content/uploads/2023/09/Европските-берзи-продолжија-да-се-лизгаат-на-почетокот-на-новата.jpg)
На европските берзи во понеделник во претпладневното тргување берзанските индекси пораснаа трет трговски ден по ред, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од знаците за намалување на инфлаторните притисоци во еврозоната.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9,30 часот порасна за 0,2 отсто, зајакнувајќи трет ден со ред. Претпладнето лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,22 отсто, на 7.626 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,49 отсто, на 15.460 поени, а парискиот CAC за 0,64 отсто, на 7.180 поени.
Растот на индексот е благодарение на извештајот на Eurostat од петокот, кој покажа дека се намалуваат инфлациските притисоци во еврозоната, што ги поддржа очекувањата дека Европската централна банка (ECB) нема дополнително да ги зголеми каматните стапки.
А на азиските берзи во понеделник претпазливо се тргува, а прометот е слаб бидејќи во многу земји во регионот берзите се затворени поради празници. На токиската берза индексот Nikkei падна за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Австралија паднаа за 0,2 отсто. Кинеските берзи се затворени поради Златната седмица, а затворена е и берзата во Јужна Кореја поради празник.
На азиските берзи и натаму се тргува внимателно, откако цените на акциите драстично паднаа во третиот квартал. Денешниот раст на индексот Nikkei, аналитичарите го објаснуваат со слабоста на јенот, чиј курс во однос на доларот е на најниско ниво во последните 11 месеци. Тоа, се верува, би можело да поттикне раст на извозот, бидејќи поради слабиот јен, јапонските производи стануваат поконкурентни на странските пазари.
Во Австралија, пак, берзанскиот индекс благо падна, што најмногу е последица на падот на цените на акциите на рударските компании поради падот на цените на суровините.
Бидејќи утрово поради празникот многу берзи се затворени, позитивните показатели од кинеската економија не предизвикаа особена реакција. За време на викендот беше објавен официјален извештај, според кој PMI индексот на производна активност во септември порасна на 50,2 отсто, од 49,7 поени еден месец претходно, што претставува прво зголемување на активноста во последните шест месеци.
Пазарите не беа особено погодени и од веста дека е избегнато затворање на владините служби во САД, бидејќи во неделата во Конгресот беше постигнат договор за привремено финансирање на овие услуги до средината на ноември.