дома Популарно „Нека овие протести станат симбол на јавна критика на неправдата“

„Нека овие протести станат симбол на јавна критика на неправдата“

67

Во организација на платформата „Одговорност“ денеска се одржа протест пред Влада за случајот со Клиниката за Онкологија.

Даријан Петров, активист, театарски актер, кој е дел од организацијата, во своето излагање рече дека причина за протестот е недовербата во правосудниот систем и институциите.

„Бидејќи немаме доверба во правосудниот систем, институциите решивме да делуваме, ја формиравме оваа платформа без никаква политичка позадина, никаква финансиска поддршка во спомен на нашите прерано загубени блиски за поддршка на сите онколошки пациенти и нивните семејства, но и за сите останати граѓани кои се борат со овој систем. Тоа е нашиот начин како да ја канализираме енергијата, бидејќи доколку дозволиме да нè обземе тагата, бесот и стравот леснно ќе отидеме на крајноста на личната фрустрација, нетолеранција, апатија, но ние свесно одлучуваме да застанеме на страната на достоинствена борба, обелоденување на вистината и нашата лична болка да ја трансформираме во помош на оние на кои им е најпотребна“, порача Петров.

Тој додаде дека огорченоста е голема, особено кон политичките агенди.

„Наместо политичка агенда да ја идентификуваме со нешто позитивно, со нешто со што зависи нашиот квалитет на живот, ние ја идентификуваме со корумпирани функционери, корумпирани лидери на политички партии, па дури и политичари со психопатски профил на личноста, кои буквално не се заинтересирани зза општото добро на народот“, истакна Петров.

Рече дека нема да дозволат сознанијата од Онкологија да се заборават.

„Од овој протест, секој нареден ќе започне со читање на приказни на граѓани пациенти кои се соочиле со нехуман третман во здравството, засега ќе ставиме акцент на здравството, но во иднина и на секоја неправда која доаѓа од секојдневието. Секако нема да генерализираме, осудуваме, бидејќи ќе ги споделуваме и позитивните приказни и поитивните искуства од здравството со цел да ги заштитиме медицинските лица кои пожртвувано и автентично си ја работат својата работа. Нека овие протести станат симбол на јавна критика на неправдата, а осудата доаѓа од други места“, истакна Петров.

Ива Петровска, една од присутните на протестот испрати порака дека ќе се борат за правда и за мир.

„Додека нè има нас нема да успеат. Сè додека стоиме тука нема да успеат. Отсега па натаму нема да се потсетуваме дека нема правда нема мир, туку ние ќе им кажеме дека ќе има правда и дека ќе има мир. Дека ова е наша земја и дека народот ќе биде тој кој ќе одлучува. Стоиме тука и не дозволуваме жртвите на овие луѓе да станат бесмислени, тука сме да покажеме дека сме луѓе“, рече Петровска.

Организаторот Петров најави дека наредниот понеделник во 18 часот ќе биде одржан друг протест.

МИА

– Реклама –

Предходна„Заморот“ од поддршката на Украина ќе биде сè поголем, но САД нема да се повлечат, смета Москва
СледнаЗапленета дрога во Волково, приведен дилер