Кремљ е уверен дека „заморот“ од поддршката на Украина ќе биде сè поголем меѓу западните земји, но не очекува САД да се повлечат од, според Москва, директната вклученост во конфликтот.
„Заморот од целосно апсурдната поддршка за режимот во Киев ќе расте во различни земји, особено во Соединетите Американски Држави. Заморот на Западот од војната во Украина ќе доведе до фрагментација на мислењето за конфликтот“, изјави портпаролот на руското претседателство, Дмитриј Песков, но оцени дека Вашингтон „ќе продолжи да се меша во конфликтот“.
Изјавата на Песков доаѓа во мигови кога европските министри за надворешни работи се на состанок во Киев и средбата ја карактеризираат како порака до Русија токму да не смета на „заморот“ на ЕУ, но и по одлуката на американскиот Конгрес да усвои нацрт-закон за привремено финансирање, со што беше изоставена помошта за Киев – што Киев го смета за „изолиран инцидент“, а не и промена во поддршката од САД.
Шефицата на француската дипломатија, Кетрин Колона, исто така ѝ порача на Москва да не се надева дека Европа ќе крене раце од Украина. Таа подвлече дека целта на состанокот во Киев е да покаже „дека Украина е дел од европското семејство“, и му порача на Кремљ дека „Унијата уште долго ќе биде тука за Украина“.
Извор: МИА