дома Економија Здружението на контролори на летови со поддршка за барањата на синдикатот

Здружението на контролори на летови со поддршка за барањата на синдикатот

58

Здружението на контролорите на летање на Македонија (ЗКЛМ) дава целосна поддршка на барањата на Струковиот синдикат на контролорите на летање кој најави штрајк за 12 октомври и истакнува дека нивните цели се поклопуваат со целите и програмата на ЗКЛМ, објави Плусинфо.

„Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните наши континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авиосообраќај на небото над Р.С. Македонија и регионот. Овие наши заеднички барања се интензивираа во последните година и половина, за што се доказ бројните дописи до менаџментот, бидејќи условите во кои работиме се повеќе од срамни за компанија од оваа индустрија“, наведува ЗКЛМ.

Ние, контролорите на летање и помошниците на контролорите на летање, се вели во соопштението, работиме во супстандардни услови 24/7, речиси непостоечки набавки на инвентар кој се користи и амортизира 365 дена во годината, со застарени системи за вентилација на воздухот, ладење и греење кои не се сервисирани долги години, недостиг и рестрикции на вода, што е основна човечка потреба, односно услови кои го загрозуваат нашето здравје.

Од Здружението се наведува дека само со соработка помеѓу работничкиот колектив ќе се успее најпрофесионално да се исполнуваат сите работни обврски и задолженија.

„Опслужуваме обем на авиосообраќај кој континуирано се зголемува, кој за жал се води со застарен и технолошки ограничен систем за контрола на летање, што создава само дополнителен стрес и притисок во работата на контролорите и помошниците контролори на летање, а истовремено сме сведоци на долгогодишно неодговорно менаџирање со ресурсите што доведе до создавање на нечовечки услови, деградирачка и крајно немотивирачка атмосфера на работа. Токму поради овие причини застануваме покрај ССКЛ и ја поддржуваме одлуката на Синдикатот за штрајк, а воедно бараме од менаџментот на М-НАВ да се воздржи од лични напади кон поединци како и да покаже достоинствен третман кон контролорите на летање, помошниците контролори на летање, а и сите останати професионалци и оперативен персонал. Како што неуморно ве водиме низ нашето небо, така ќе се бориме за нашето достоинство!“ – истакнуваат од ЗКЛМ.

Како што најави претседателот на Струковиот Синдикат на Контролорите на летање Александар Тасевски, штрајкот ќе се одржи на 12 октомври и во периодот од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на Скопскиот и Охридскиот аеродром.

Менаџментот на М-НАВ, смета дека тврдењата на Тасевски „се тенденциозни, не ја кажуваат вистинската слика на работење во М-НАВ.

 



ПредходнаДали одбиената деловна понуда на Бучим од 2019 е причина за хајката против рудникот Иловица?
СледнаКоординаторите на пратенички групи беа запознати со Предлог-законот за амнестија