дома Свет Ситуацијата на Косово е опасна, ЕУ да преземе мерки против Србија пред...

Ситуацијата на Косово е опасна, ЕУ да преземе мерки против Србија пред да биде доцна

68

Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Гранада изјави дека е загрижен за ситуацијата на северот на Косово, која, како што оцени, е „многу опасна“ и дека треба да се преземат мерки пред да биде доцна.

„Сите сме загрижени бидејќи ситуацијата е многу опасна. Секоја година се зголемува потенцијалната опасност, а криминалните активности во областа каде што живее мнозинството од српското малцинство сега целосно се совпаѓаат со политичката агенда“, изјави Рама по пристигнувањето на третиот самит на Европската политичка заедница.

Рама рече дека ЕУ треба да преземе мерки против Србија поради вооружениот конфликт во Бањска, повторувајќи дека Албанија поради тоа првпат во последните 10 години не се усогласи со надворешно политичката одлука на ЕУ.

„Отсекогаш сметавме дека косовските власти треба да бидат проактивни и конструктивни во дијалогот и дека треба да го искористат француско-германскиот план, кој е многу добар договор за Косово и регионот. Но, самиот факт што Србија прогласи ден на жалост за убиството на членовите на криминалната паравоена група која уби полицаец е доволен за ЕУ ​​да каже дека тоа не е европски, дека не е прифатливо и дека е казниво“, рече Рама.

На прашањето дали се плаши дека може да дојде војна, Рама рече дека „војна е голем збор“, но дека треба да се преземат мерки пред да биде доцна. Тој истакна дека е важно да постои волја за зајакнување на мисијата на КФОР на северот на Косово и притоа изрази надеж дека дијалогот ќе продолжи.

Според него, самитот на Европската политичка заедница е добро место за интеракција, но не е платформа каде што може да се решаваат конкретни прашања и кризи.

Во однос на проширувањето на ЕУ, Рама рече дека постои „Европа од прв и втор ред“ и дека треба да се биде реален и да не се очекува дека ЕУ со 27 членки, која има проблеми со компактното одлучување и стратешкото планирање, наскоро може да се прошири до 33 или 35 членки.

Наместо „се или ништо“ за земјите кои не се членки, додаде тој, треба да се најде нов пристап и да се разгледаат нови алтернативи.

„Духот на европската политичка заедница може и треба да се пренесе во ЕУ без неопходното скоро доделување полноправно членство, бидејќи тоа нема да се случи“, рече албанскиот премиер.

Извор: МИА

– Реклама –

ПредходнаВо руското гранатирање во регионот Херсон оштетена болница
СледнаВо контраофанзивата, Украина изгубила над 90.000 војници