дома Економија Ковачевски: Имаме најнизок ДДВ во регинот и најголема листа на производи со...

Ковачевски: Имаме најнизок ДДВ во регинот и најголема листа на производи со повластена стапка од пет отсто

50

Македонија има најголема листа на производи, вкупно 1 600, со повластена стапка од пет отсто. Тоа се сите основни производи што се користат во најголеми количини и во најголем број од граѓаните. Има одреден дел производи кои исто така се со повластена стапка, од 10 отсто, а имаме и дополнителна листа на производи со повластена стапка од 10 проценти, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, производите кои се сметаат за луксузни и оние што не се сметаат за основни во најголем дел од домаќинствата, а дел од нив и не се толку здрави, како чипсот, се исто така со повластена стапка од 10 отсто. Тоа, оцени Ковачевски, е фер пристап.

Точно е, дополни Ковачевски, дека постои разлика од откупните до малопродажните цени, но затоа беа донесени мерките за „гарантирана цена“ и за намалување на увозните царински давачки за одредени артикли.

-Целата листа на производи беше објавена пред подолго време на интернет страницата на Министерството за финансии и секој можеше да ја види и коментира, беа консултирани и компании од различни сектори и оттука сметам дека имаме фер и добро решение кое на крај покажува дека имаме намалување на трошоците за живот во сите области. Тоа знам дека не е лесно, знам дека сме во време на економска криза во цела Европа, но затоа имавме зголемување на минималната и просечната плата, како и на пензиите. Пред нас повторно има период, првиот квартал идната година, на зголемување на минималната плата што секако ќе влијае и на просечната плата, дефинирани се методологии за зголемување на пензиите и на минималната плата. Имаме многу предвидлива економска политика која дава позитивни резултати, а тоа го покажуваат и статистичките показатели, потенцира премиерот.

Целта што ја постави Владата за пет отсто инфлација до крајот на годината, е остварлива, рече, и ќе биде направена, а инфлацијата и трошоците за живот имаат надолен тренд.

Како што оцени Ковачевски, нема никакво зголемување на ДДВ-то, а и во однос на овој данок, земјава има најниска стапка во однос на другите во регионот.

-Не се работи за никакво зголемување, туку за намалување. Спроведовме мерки за намалување на цените на основните прехранбени производи, но и во текот на целата кризна година ограничување на цената на енергенсите со оглед дека ја сунбвенциониравме електричната енргија за сите граѓани и компании од регулираниот пазар. Нема никакво зголемување на ДДВ-то. Ние сме држава со најниска стапка на ДДВ во регинот. Во Грција е 21 процент, во Србија и Албанија 20 отсто, во Хрватска 25 проценти, а Северна Македонија има основна стапка на ДДВ од 18 отсто. Кога ја правевме даночната реформа беа испочитувани сите барања на стопанските комори и другите заинтересирани страни: корпоративниот, односно данокот на добивка да остане 10 проценти, персоналниот данок да остане 10 отсто, да нема прогресивен данок и основната стапка на ДДВ да остане 18 отсто. Тоа беше направено, подвлече премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по конференцијата „Македонска економија-довербата расте“.

Бебешката храна, истакна, е оданочена со пет проценти.

-Дополнително на пет отсто од повисоки стапки на ДДВ беа намалени и хигиенските производи кои ги користат жените, на пет отсто се оставени и семенски материјал и вештачки ѓубрива кои се користат во производството на храна, земјоделската механизација,… Листата на пет отсто повластена даночна стапка од 1 600 производи е најголема во регионот, рече Ковачевски.

На новинарски коментар за зголемените плати на функционерите, премиерот рече дека „тоа беше резултат на Одлука на Уставен суд“.

-Платите не ги зголеми Владата, туку тоа беше резултат на Одлука на Уставен суд која поништи неуставна одредба во Законот со која беа ограничени во текот на 10 години, објасни премиерот и потсети дека државата работи на изготвување закон за плати.

Тој не се согласува со констатацијата дека државата ги зголемува даноците.

-Многу убаво објаснив дека државата ги намалува даноците зашто имаме најголема листа на производи со повластена даночна стапка, се она што се користи секојдневно во домаќинствата. Инфлација во Европа постои, но дека се прават мерки што ги намалуваат цените, тоа не може никој да го негира, рече Ковачевски.

Премиерот потсети и дека е во финална изработка закон за спречување нефер трговски практики во кој се регулира целиот ланец на продажба, од производител, преку големопродавач до малопродавач, што може и што не може да се вгради во финалната цена, а се регулираат и сите маржи.



ПредходнаМаркетите ја почитуваат „гарантираната цена“
СледнаИзраелската армија соопшти дека извршила голем напад врз центрите на Хамас во Газа, групата продолжи со големите ракетни напади врз Израел