дома Економија Стопанската комора на Македонија е за брза продажба на зградата на Еуростандард...

Стопанската комора на Македонија е за брза продажба на зградата на Еуростандард банка?

55

Стопанската комора на Македонија со заробени 18.019.518.00 ден е меѓу десетте најголеми доверители на Еуростандард банка. На последното собрание на доверители одржано на 15.09.2023 по повод третата јавна лицитација претставник на комората гласал за брза продажба на зградата на Еуростандард банка, во надеж дека брзо потоа ќе започне и обештетувањето на сите доверители.

20-те најголеми доверители или 88,1% (според вредноста на побарувањата) од доверителите, меѓу кои и комората биле eдногласни дека е потребна брза продажба на деловната зграда на Еуростандард банка. Спроти таквото мнозинско очекување, стечајниот управник надвор од деловникот за работа сугерира дека е потребно повторно да се направи процена на вредноста на зградата, а по што ќе следи прераспределба на имотот, каде доверителите добиваат на хартија потврда дека поседуваат процентуален дел од деловната зграда на Еуростандард банка, или фактички не добиваат ништо!

По што по барање на стечајниот судија поништена е третата лицитација за продажба на зградата на Еуростандард банка, а со тоа и спроведената електронска продажба. Со тој чин судијката заштитила мала група доверители, иако 88,1 од доверителите биле согласни за продажба.

Прашање е дали во иднина ќе се случи продажба, бидејќи очигледно е дека некој го кочи процесот. Парите на доверителите не само што се заробени повеќе од три години, туку тие поради инфлацијата губат од вредност. Тука и опортунитетниот трошок, односно доколку тие биле ставени на располагање колку би можеле да се оплодат.

Секое чекање, одолговлекување е само на наша штета децидни се доверителите. Тие го прашуваат стечајниот управник за чии интереси работи? Дали како државен посланик треба да работи во интерес на државата и мнозинството, а не да штити поединци.

Во меѓувреме еден од доверителите има поднесено жалба, со надеж дека судовите ќе имаат разбирање за ситуацијата, и дека ќе донесат одлука која е во интерес на поголемиот дел од доверителите, како и на самата држава, и ќе придонесат повторно да се гласа и одлучува на електронската лицитација.

3 години трае овој процес и нема решение! Зградата пропаѓа, и прашање е дали доколку се одолговлекува и понатаму ќе има заинтересиран да ја купи. Особено што по чинот на поништување на третата аукција, со спроведување на нова процена и прераспределба на зградата, по автоматизам за неа треба да се плати данок, судски трошоци, трошоците за одржување. Доверителите ќе имаат виртуелен имот, а реални секојдневни трошоци кои ќе треба да ги плаќаат.

Објектот не може да се продава парцијално туку само интегрално. И секогаш може да се најде некој доверител кој да речеме има само 7м2 и кој ќе ги кочи сите процеси. Што доведува до заклучок дека прераспределбата е чин кој ќе биде погубен за доверителите.

Работите се очигледни! Потребна е правилна реакција од надлежните институции, и поголема одговорност. Потребни се институции кои работат во интерес на целокупната бизнис заедница, а не само за неколку компании или само за поединци. Стабилни и непристрасни институции кои правилно ги артикулираат барањата на компаниите и систематски и темелно предлагаат решенија за решавање на сите проблеми и надминување на сите предизвици. Стопанската комора на Република Северна Македонија, постои 100 години, преку неа компаниите отсекогаш биле заедно, здружени, ги штитела нивните интереси, но и интересите на сите работници.



ПредходнаОна што следува ќе одекнува со генерации, порача Нетанјаху, нагласи дека САД го поддржуваат Израел на „секој начин“
Следна„Поддршка за Израел во овие тешки моменти“, испраќа Ковачевски