дома Економија Синдикалната минимална кошничка за месец септември изнесува 48.379 денари

Синдикалната минимална кошничка за месец септември изнесува 48.379 денари

61

Вредноста на Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство за месец септември изнесува 48.379 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Споредено со претходниот месец, минимална синдикална кошница е намалена за 966 денари, што, според ССМ, е резултат на загарантираните цени на прехранбените производи.

– Со зголемувањето на ДДВ на истите тие производи, повторно ќе дојде до зголемување на вредноста на потрошувачката кошничка, односно претходната мерка на загарантирани цени на основните прехранбени производи нема да има никаков ефект. Затоа, ССМ бара од Владата сериозно да ја ревидира и коригира листата на производи кои се дел од секојдневието на граѓаните и за истите да ја врати стапката на ДДВ од пет проценти, потенцираат од ССМ.

Оттаму, истакнуваат дека одлуката за определување стапка на ДДВ која ќе се зголеми од 5 на 10 отсто, е непромислена и несоодветствува на реалните состојби на сиромаштија и зголемени трошоци за живот кои се карактеристични за голем дел од населението, пред сè, поради ниските плати и над 120 000 вработени кои се на минималец.

– Предлагаме ДДВ-то од 10 отсто да остане само за оние луксузни прехранбени производи кои се купуваат од мал број граѓани и се консумираат ретко. Доколку остане оваа листа на предложени прехранбени производи чии износ на ДДВ се зголемува на 10 отсто, за луксуз ќе се сметаат и производи за секојдневна употреба како што се: сирењето, конзервирана храна, гриз, чај и друго, велат од ССМ.

Сојузот на синдикати на Македонија потсетува дека, според последниот податок на Државниот завод за статистика, објавен во 2020 година, 21,8 отсто од населението е сиромашно. ССМ предупредува дека поради сегашната економска состојба, доцнење на мерките на Владата, порастот на цените на прехранбените производи, пораст на стапката на ДДВ од 5 на 10 проценти се очекува понатамошно зголемување на стапката на сиромаштија на населението до 25 отсто.

– Потребни се брзи и сериозни мерки во областа на економијата преку нови инвестиции и вложувања, развој на нови производни капацитети, зголемување на поддршката и субвенционирање на одделни стопански области, што ќе доведе до зголемување на платите и намалување на сиромаштијата на населението, нагласуваат од ССМ.



ПредходнаСуспендирани четворица фудбалери на ПСЖ поради хомофобија
СледнаПриведен маж од крушевско за намерно предизвикување на пожар