дома Македонија Корегирана листата на прехранбени производи со повластена стапка

Корегирана листата на прехранбени производи со повластена стапка

46

Основните прехранбени производи како урдата, кашкавалот, лутеницата, цвеклото, фефероните, вафлите, наполитанките и црвениот пипер остануваат со повластена стапка од пет проценти, соопшти попладнево Министерството за финансии.

Со повластена стапка од пет проценти остануваат и замрзнатото тесто, бебешките каши, адаптираното млеко за доенчиња, додатоците за исхрана за опаднат имунитет и хербалните чаеви.

Од Министерството за финансии информираа дека на денешната владина седница е донесена измена на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност, која беше усвоена на 28 септември.

Измените ќе почнат да се применуваат од 13 октомври (петок).

„Министерството за финансии и Владата во креирањето на политиките и нивната примена се во постојана комуникација со бизнис заедницата и отворени се за сугестии и предлози. Процесот на утврдување на оваа одлука, исто така, се водеше низ транспарентен и инклузивен процес и беше споделена листата со производи кои ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ пред девет месеци, уште во јануари со бизнис заедницата, преку стопанските комори за тие да можат да достават свои предлози. Одлуката се донесе на седница на Владата на 28 септември и стапи во сила на 2 октомври кога започна со примена, но поради утврдените недоследности во примената кај дел од производите се укажа потреба од измена на Одлуката која беше направена во најкус можен рок“, се наведува во соопштението.

Од Министерството посочуваат дека земјава има најниски даночни стапки на ДДВ (редовни и повластени) и целата човечка исхрана се оданочува со повластена стапка на ДДВ. Најголем дел од неа се оданочуваат со најниска повластена стапка од пет проценти, односно примената на најниската повлатена стапка на ДДВ во земјава се однесува на повеќе од 1650 прехранбени производи, а дополнително повластена стапка имаат и други околу 950 прехранбени производи.

МИА

– Реклама –

ПредходнаИ две минимални плати се малку за да се преживее месецот
СледнаИзраел го зголеми бројот на мобилизирани резервисти на 360 илјади