Норвешкиот „Кралицата на танцот“ во режија на Аурора Госе за јуниорите, францускиот „Фантастичната тројка“ на Михаел Дихтер за кадетите и македонскиот „Сестри“ на Дина Дума за сениорите се најдобрите играни филмови за кои гласаше жирито на 11. Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Наградите беа соопштени синоќа на затворањето на фестивалот во преполната сала на скопското кино „Милениум“.
Најдобри кратки филмови според возрасни категории беа – „Магијата на Валентина“ на Ан Кристин Жирардо од Холандија (јуниори), „Марипоза“ на Маурицио Форчела од Италија (јуниори) и „Врати се дома безбедно“ на Тамара Дениќ од Германија (сениори).
Во категоријата на анимирани филмови за најдобар филм е прогласен „Ана Морфоз“ во режија на Жоао Родригез од Португалија, а најдобар краток филм снимен од ученик е „Средба“ во режија на Анастасија Петровиќ од Србија.
Младите џифонци од земјава и од странство низ танц, музика, филм, анимации, стрип, фотографии покажаа што научиле во изминатите пет фестивалски дена. Низ работилниците ги водеа врвни професионалци: Роберт Јанкулоски (фотографија), Ладислав Цветковски и Линда Трајкоска (дигитален дизајн), Мартин Чичовски (видео репортажа), Здравко Гиров и Давор Драмиќанин (стрип), Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов (видео во еден кадар) и Филип Лафазановски (едноминутно видео) кои работеа со кадетите и сениорите. Работилниците за јуниори ги водеа: Моника Мотеска (ликовна уметност), Лада Шоптрајанова-Петровска (мјузикл) и Предраг Вукосављевиќ (краток филм).
Со громогласен аплауз младите џифонци го поздравија настапот на јуниорите од работилница за мјузикл, кои ја изведоа песната This is me од мјузиклот „Најголемиот шоумен“. Следуваа проекции од сите изработени филмови, цртежи, графички работилници, стрипови, фотографии.