дома Македонија ЕУ членство во 2030-та е амбициозен, но достижен датум, заеднички работиме на...

ЕУ членство во 2030-та е амбициозен, но достижен датум, заеднички работиме на таа цел

54

„Две илјади и триесета е амбициозен, но достижен датум, заеднички работиме на таа цел. Иднината на политиката за проширување е отворена и поставена е цел за која треба и државите од Западен Балкан и ЕУ да се подготвиме и да ја достигнеме“, објави на Фејсбук вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ, по средбата со комесарот на ЕУ за соседство и проширување – Оливер Вархеји, заедно со премиерот Димитар Ковачевски.

„Кај земјите членки на ЕУ постои политичка волја и обединетост за европската перспектива на целиот регион. Вархеји порача да го задржиме фокусот на процесот на преговори со ЕУ и на реформите заради македонските граѓани кои заслужуваат да живеат во европска и просперитетна држава“, напиша Маричиќ, кој е дел од владината делегација на Самитот на лидери на Берлинскиот процес во Тирана, Албанија.

ЕУ веќе има суштински предлози со таканаречениот план за раст кој, вели Маричиќ, вистински ќе ја забрза не само институционалната, туку и економската интеграција.

„Целта е да го забрзаме проширувањето и до 2030 да успееме сите да ги исполниме обврските, за да го завршиме обединувањето на Европа и да ја обезбедиме нејзината стабилност и развој“, додава вицепремиерот во објавата на Фејсбук.

Премиерот Ковачевски, пак, објави дека на денешната средба со еврокомесарот Вархеји, се согласиле дека „Северна Македонија, како партнер од доверба и земја која последните шест години направи огромен исчекор во возобновувањето и развојот на демократијата и демократските процеси, треба што поскоро да е дел од Европската Унија“.

Процесот на евроинтеграции не треба да се блокира – продолжувањето на европскиот пат е мнозинска волја на граѓаните, а со цел да се обезбеди економски и социјален развој и приближување до европските стандарди на живот, истакнува Ковачевски и индиректно повика, уште еднаш, да се изгласаат уставните измени.

„Северна Македонија припаѓа во ЕУ, сите политички чинители треба да ја имаат предвид неповторливата шанса за придвижување на земјата напред и да го исполнат барањето на граѓаните, земјата да стане полноправна членка на ЕУ“, додаде премиерот.

– Реклама –

ПредходнаАтал се извини за видеото во врска со израелско-палестинскиот конфликт
СледнаСумо борачи претешки за два авиона, па е обезбеден дополнителен лет