дома Свет Израел го бомбардираше југот на Газа, убиени се десетици Палестинци

Израел го бомбардираше југот на Газа, убиени се десетици Палестинци

60

Израелската војска денеска го бомбардираше јужниот дел на Појасот Газа, при што загинаа десетици луѓе, иако на Палестинците претходно им беше кажано да се евакуираат таму од север пред копнената офанзива.

Во меѓувреме, посредниците се обидуваат да постигнат договор за испорака на помош за цивилите на таа густо населена територија, која е под опсада и напад на Израел од почетокот на нападот на Хамас.

Разгорувањето на насилството долж границата на Израел со Либан, исто така, предизвика загриженост дека конфликтот ќе се прошири во регионот, што дипломатите се обидуваат да го спречат.

Високиот функционер на Хамас и поранешен министер за здравство Басем Наим изјави дека 27 лица биле убиени во Рафи и 30 во Кан Јунис.

Во воздушен напад на Деир ал Балах, една куќа беше срамнета со земја, а девет членови од семејството што живееше таму беа убиени. Тројца членови на друго семејство кое се евакуирало од градот Газа биле убиени во соседна куќа.

Еден маж и 11 жени и деца се меѓу убиените. Очевидци изјавија дека пред нападот немало предупредување за евакуација на жителите.

Израел прогласи опсада на Газа и ја бомбардира територијата по нападот на екстремистите врз јужен Израел пред 11 дена во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, а околу 200 беа заробени и однесени во Газа.

Најмалку 2.778 луѓе загинаа, а 9.700 се ранети во израелските напади врз Газа, соопшти Министерството за здравство.

Речиси две третини од убиените се деца.

Израелското бомбардирање не го спречи ракетирањето на Хамас врз Израел.

Во понеделникот, израелски воени авиони го бомбардираа штабот на цивилната одбрана во градот Газа, при што загинаа седум здравствени работници. Уште десет болничари и лекари загинаа на работното место, соопштија здравствените власти.

Повеќе од милион Палестинци ги напуштија своите домови, а 60 отсто од нив сега се во област долга 14 километри јужно од зоната на евакуација, соопштија ОН.

МИА

– Реклама –

ПредходнаАпелација ја укина првостепената пресуда за „Tоплик
СледнаПовторно ќе нема одговорност за незаконското прислушување поради измените на КЗ, финансиските импликации допрва ќе ги чуствуваме