дома Популарно Поради синоќешниот напад во Брисел одложен скринингот по Поглавјето 11

Поради синоќешниот напад во Брисел одложен скринингот по Поглавјето 11

61

Билатералниот скрининг за Поглавјето 11 – „Земјоделство и рурален развој“, што започна вчера во Брисел и требаше да продолжи денеска и утре, е одложен поради синоќешниот вооружен напад во белгискиот главен град, при кој беа убиени двајца шведски државјани, а трет беше ранет.

Како што информира шефицата на македонската делегација на скринингот, заменик главен преговарач со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили, по континуираната комуникација и консултации со претставници на Европската комисија, мисиите на земјава при ЕУ и НАТО и нашата Амбасада во Брисел, а земајќи ја предвид новонастанатата безбедносна состојба, донесена е одлука за одложување на вториот ден од билатералниот скрининг за в четврток – 19 октомври.

Според неа, одлуката за одлагање на скринингот се заснова на заедничката посветеност за безбедноста и благосостојбата на сите учесници во овој процес со Европската комисија.

– Уште еднаш, изразуваме длабоко сочувство до жртвите и семејствата погодени од овој бесмислен чин на насилство, истакна Абдиу-Халили.

Таа потврди дека сите членови на македонската делегација се безбедни, нагласувајќи дека безбедноста на делегацијата останува главен приоритет.

– Иако соочени со потешкотии, нашата посветеност на преговарачкиот процес останува непоколеблива. Нашата делегација ја цени посветеноста, поддршката и им благодариме на нашите колеги од Европската Комисија, Мисијата на Република Северна Македонија при ЕУ, Мисијата на Република Северна Македонија при НАТО како и Амбасадата на Република Северна Македонија во Брисел, кои цело време беа посветени на нашата безбедност, информирајќи нè и пружајќи ја потребната помош, додаде Абдиу-Халили.

Инаку, во состав на делегацијата која учествува на овој скрининг е и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и претставници на МЗШВ, СЕП, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Државниот земјоделски инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државната комисија за спречување на корупцијата.

По синоќешниот инцидент во кој 45-годишниот Тунижанец, Абдесалем Ал Гуилани уби двајца шведски фудбалски навивачи, белгиските власти го подигнаа нивото на тревога во Брисел на највисок степен и им препорачаа на жителите на градот да останат во своите домови.

Веднаш по нападот, кој властите го оценија како терористички, белгиската полиција започна акција за пронаоѓање и приведување на напаѓачот, кој по инцидентот се даде во бегство.

Утрово тој беше откриен и застрелан од припадници на полицијата во кафуле во бриселската населба Скарбек, по што им подлегна на здобиените повреди. Неговата смрт беше потврдена во болницата во која беше пренесен.

МИА

– Реклама –

ПредходнаВело Марковски ќе се кандидира за претседател на државата на претстојните избори
СледнаНикој не може да се спротивстави на муслиманите ако продолжат злосторствата врз Палестинците