дома Македонија Ќе се утврдуваат локации за префрлање на кафеавите мечки, најавен акциски план

Ќе се утврдуваат локации за префрлање на кафеавите мечки, најавен акциски план

60





Владата на денешната седница ја разгледала и усвоила Информацијата по однос на состојбата на кафеава мечка (Ursus arctos L.), дивеч под заштита кој е трајно забранет за лов и зголемениот обем на штета која овој дивеч ја причинува врз имотот и добрата на граѓаните на државава.

Како што соопштија од владината прес-служба, Владата ги задолжила надлежните институции да се преземат конкретни мерки во однос на усвоената Информација. Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од 12 месеци треба да изработи акциски план за управување со кафеава мечка (Ursus arctos L.) за територијата на државата.

„Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено во рок од 3 месеци да направи анализа од регионот за формирање интервентен тим за крупни ѕверови и да ја информира Владата на Република Северна Македонија. Исто така, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со научни институции се задолжуваат во рок од три месеци да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат/префрлат кафеавите мечки“, соопштија од Владата.

Воедно, директорот на Центарот за управување со кризи е задолжен да ја организира координацијата на активностите на институциите во спроведување на мерките, да организира и спроведува контрола над нивната имплементација, како и да предлага нови мерки покрај донесените и препорачани од надлежните институции за создавање на услови за намалување на појавата на кафеава мечка (Ursus arctos L.), во урбана средина.

– Реклама –








ПредходнаНаскоро ќе биде преземена „превентивна акција“ против Израел
СледнаЗеленски потврди дека САД тајно испорачале моќни ракетни системи ATACMS во Украина