дома Економија Објавен проспектот за втората емисија на граѓанска обврзница со камата од 5...

Објавен проспектот за втората емисија на граѓанска обврзница со камата од 5 отсто

50

Министерството за финансии по успешно реализираните први емисии на граѓанската и зелената обврзница, денеска го објави Проспектот за втората емисија граѓански обврзници на износ од 600 милиони денари.

Граѓаните од денеска до 6 ноември имаат можност да запишат граѓански обврзници за кои и овојпат е понудена атрактивна каматна стапка од 5 отсто. Минималниот износ кој граѓаните ќе можат да го вложат во овој иновативен финансиски инструмент e 10.000 денари. Рокот на достасување е две години и на имателот на обврзницата ќе му донесе вкупен принос од 10 отсто.

-По успешно реализираната прва емисија на граѓанската обврзница, за која граѓаните изразија голем интерес, денеска на пазарот ја објавуваме втората емисија. Граѓаните во овој инструмент го препознаа својот интерес и очекуваме дека и овој пат ќе имаме успешно спроведен процес на издавање на граѓанската обврзница. Како што најавивме овој инструмент ќе биде достапен на пазарот за граѓаните во континуитет и дека ќе продолжиме и во иднина со издавање на нови емисии на граѓански обврзници, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

На првата аукција на граѓанската обврзница граѓаните пројавија два пати поголем интерес од износот кој беше објавен со Проспектот. И беа запишани граѓански обврзници во износ од 1.448.030.000 денари.

Тоа покажува дека пазарот има потреба од нови и креативни инструменти кои носат бенефит за граѓаните од една страна, а се во функција на развојните проекти на државата.

-Граѓанската обврзница е сигурен и безризичен инструмент, кој на граѓаните им е достапен на многу едноставен начин. Заинтерсираните за запишување на граѓански обврзници можат да се обратат на шалтерите во комерцијалните банки каде ќе поднесат барање за учество на аукцијата. Аукцијата ќе се одржи на 6 и 7 ноември 2023 година, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Покрај Граѓанската обврзница, како нов производ на пазарот беше воведена и зелената обврзница, за која, исто така, на првата аукција беше изразен голем интерес од страна на инвеститорите.

Граѓанската и зелената обврзница, како и проектната и развојната, што ќе бидат воведени во наредниот период, се предвидени со Стратегијата за развој на пазарот на хартии од вредност, Стратегијата за управување со јавниот долг и Планот за забрзан економски раст.



Предходна20 години Fashion Group – Есента кога почна сѐ!
СледнаСКМ: Компаниите да ја користат медијацијата во деловните спорови, за да се избегнат долгите судски спорови